„Мурињо или Конте во Реал? Па, од нив побегнав во Мадрид“

Тибо Куртоа

Притисокот врз Јулен Лопетеги би можел да кулминира на претстојното „Ел Класико“, во кое Реал Мадрид нема право на грешка. 

Тренерската промена во „кралскиот“ клуб е неминовна, а се очекува да се случи во наредните неколку недели. Шпанските медиуми тврдат дека Жозе Мурињо и Антонио Конте се најсериозните кандидати за „жешкото“ столче во Мадрид.

Голманот Тибо Куртоа соработуваше со двата тренери додека беше дел од Челзи. Според пишувањата на најтиражните весници во Шпанија, белгискиот интернационалец не би бил задоволен од таков расплет на настаните.

„Не можам да поверувам. Во соблекувалната на Реал само јас сум соработувал со нив двајца, а заминав од Лондон за да не ми се повторат тие искуства. Сега читам дека еден од нив ќе заврши тука, не ми се верува“ , наводно рекол Белгиецот.

В недела со почеток од 16:15 часот се игра првото шпанско дерби на „Камп Ноу“, па Куртоа ќе биде на нови искушенија во домашниот шампионат.