Мурињо и Бенфика не победија и го „одведоа“ Порто до шампионската титула!

Шампионатот на Португалија е одлучен на две кола пред крајот, а од синоќа, нов првак на земјата стана екипата на Порто. Веќе некое време беше јасно дека „змејовите“ нема да го пропуштат пехарот, само беше прашање кога математички ќе го обезбедат, а „коцките“ се совпаднаа во 32. коло.

Порто го направи тоа што му требаше, победувајќи ја Алверка со 1-0 на својот стадион со гол со глава на Беднарек во 40. минута, но знаеше дека е шампион уште пред почетокот на натпреварот, бидејќи Бенфика на Мурињо ремизираше 2-2 со Фамаликао на гостински терен.

За Порто ова е 31-ва шампионска титула, а прва од сезоната 2021/22. Откако последен пат беше шампион, Порто еднаш заврши како вицешампион, а двапати беше трет на табелата.

На две кола пред крајот на Примеира, Порто е на врвот на табелата со 85 бода, Бенфика е втора со 76, иако оваа сезона нема пораз во лигата.