Мурињо го „пецна“ Јувентус: Во Лига Европа има екипи кои не треба да играат во ова натпреварување

Мурињо

Екипата на Рома вчера успеа да мине во четвртфиналето на Лига Европа. „Волчицата“ беше поуспешна во двата дуела со Реал Сосиедад (вкупни 2-0) и успеа да се пласира меѓу осумте најдобри, а тренерот Жозе Мурињо во свој препознатлив стил зборуваше за медиумите.

„Искрено, не ме интересира премногу ждрепката. Таму има екипи што не треба да играат тука, јас лично мислам дека секој што испаднал во своето натпреварување, не треба да игра во друго, треба едноставно да оди дома и да се фокусира за следната сезона. Има екипи кои испаднаа во Лигата на шампионите, затоа сметам дека не требаше да играат во Лига Европа“, изјави Мурињо. 

Италијанските медиуми не пропуштија да објават дека Португалецот директно го посочува Јувентус, затоа што „бјанконерите“ играа групна фаза во Лигата на шампионите. Потоа „специјалниот“ го „пецна“ и лутиот градски ривал, Лацио. 

„Што да кажам за Лацио? Тие нема да имаат трето натпреварување, нивната приказна заврши“, се пошегува Мурињо, алудирајќи на „лацијалите“ кои испаднаа и од Лига Европа и од Конференциската лига на УЕФА.  

Жозе Мурињо минатата сезона успеа со екипата на Рома да триумфира во Конференциската лига, а оваа година е во друштвото на осумте најдобри во Лига Европа. Второто по ранг натпреварување на УЕФА никогаш не било поинтересно, затоа што до крајот, за трофејот ќе се борат екипи со големо реноме и многу освоени титули во историјата. Прв фаворит е Манчестер Јунајтед, а тука се секако и Рома, Јувентус, Севиља, Спортинг, Феенорд, Баер Леверкузен и Фенербахче.