Мурињо го „боцна“ Конте пред мечот во ЛШ: И мене ми недостигаат играчи, па не плачам!

По долга пауза повторно на мегдан еден против друг одат Жозе Мурињо и Антонио Конте. Во Лисабон ќе се сретнат Бенфика и Наполи во натпревар од Лигата на шампионите. 

На прес-конференцијата пред средбата Мурињо нагласи дека не смета оти неговото познавање на италијанскиот фудбал носи некаква значајна предност.

„Не знам воопшто дали ми е предност што знам како играат италијанските тимови. Можеби трошам помалку време на анализа… Но тоа не ги менува нивните мани и доблести. Тие се силен тим што двапати беше шампион на државата во краток период. За наша среќа, сега играат поинаку од почетокот на сезоната“, започна Португалецот.

Конте пред натпреварот истакна дека има голем број повредени фудбалери, што Мурињо веднаш го прокоментира.

„Клупата на Наполи е поинаква. Ако погледнете кој им игра, нема ни да забележите кој им недостасува. Со промената на формацијата станаа уште подобар тим. Нема разлика дали играат Де Брујне или Мектоминеј. И мене ми недостасуваат многу важни играчи, па не плачам”, заклучи Мурињо.

Пресметката меѓу Бенфика и Наполи се игра на „Да Луж“ вечерва во терминот од 21:00 часот.