• Саше Љолес
Жозе Мурињо по којзнае кој пат имаше големи замерки за судиите, а овој пат тоа се случи после осминафиналниот реванш во Лига Европа против Глазгов Ренџерс.
Неговиот Фенербахче успеа да ја надополни негативата од два гола од првиот меч, но потоа беше елиминиран во пенал-рулетот, а Мурињо смета дека турскиот гигант бил оштетен и мечот не требал воопшто да стигне до пеналите.
„Еден тим на овој меч требаше да добие најмалку два или три пенали. Во ред, можеби не беа три, но беа минимум два. Немаше потреба да стигнеме до пенал-рулетот затоа што Фенер беше оштетен.
Не знам што гледаа судиите, но тоа треба да ги прашате нив. Нека ме казнат, веќе не ми е гајле. Зборувам гласно против сите неправди. Клубот ги плаќа моите казни, а некогаш и јас ги подмирувам од мојот џеб“, рече Мурињо.
Фенербахче доживеа болна елиминација од Лига Европа и сега се фокусира само на трката за титулата во домашното првенство, каде неприкосновен лидер е Галатасарај, кој има десет бода повеќе, но и два меча повеќе од најголемиот конкурент.