Мурињо: Браво за дриблингот, исто како Зидан – но никогаш повеќе да не ти се повтори! (ВИДЕО)

Тотенхем без многу проблеми ја реши првата пречка во новата сезона во Лига Европа, откако на свој терен со убедливи 3-0 славеше над ЛАСК Линц.

Момците на Жозе Мурињо одиграа онолку колку што беше потребно за стартни три бода во ова натпреварување, а еден од најдобрите на теренот беше новајлијата Пјер Емил Хојберг. Одличниот играч за врска дуелот го заврши со речиси перфектна статистика, а токму зад своето име го запиша и потегот на натпреварот, откако во стилот на Зинедин Зидан на двапати си поигра со противничките фудбалери. 

Очекувано, неговиот дриблинг привлече големо внимание кај тамошната јавност, а на оваа тема свое мислење даде и Мурињо. 

„На полувремето се смеевме и му реков дека е ист како Зидан. Неговиот дриблиг беше атрактивен, но му реков никогаш повеќе да не му се повтори“, рече Мурињо.

25-годишниот играч за врска својата професионална кариера ја започна во Баерн Минхен, а во Тотенхем се пресели од редовите на Саутемптон за кого настапуваше од 2016 година.