• Саше Љолес
Жозе Мурињо беше претставен пред повеќе од 30.000 навивачи во Истанбул и најави убава ера на кормилото на Фенербахче, а навивачите на турскиот гигант беа во транс и со стоечки овации му посакаа топло добредојде.
Искусниот и трофеен португалски стратег за првпат ќе работи во турскиот фудбал, а на првата прес-конференција изрази огромна почит за љубовта и топлиот прием од навивачите.
„Неизмерно сум среќен и ја чувствувам вашата љубов уште од првиот момент. Тренерите добиваат почит откако ќе остварат добри резултати, но јас ја гледам таа почит уште сега. Вашите бои се на мојата кожа, јас сум сега еден од вас.
Претседателот Али Коч ме убеди со неговата одлична стратегија и визија за иднината. Сакав да дојдам во Фенербахче и тоа конечно се оствари. Ви бладодарам од срце и се надевам дека заеднички ќе успееме да освоиме што повеќе трофеи“, изјави Португалецот.
Мурињо скоро половина година беше без работа откако доби отказ во Рома, но сега седнува на клупата на Фенербахче и ќе го предводи турскиот клуб во следните две сезони.