Мурињо: Би ми било чест да се вратам во Реал Мадрид, но тоа ќе се случи...

Лошите резултати на стартот од новата натпреварувачка сезона, а особено по поразот во Лигата на шампионите од ПСЖ (3-0), го вклучија алармот во редовите на Реал Мадрид и веќе се шпекулира за заминување на Зинедин Зидан. 

Францускиот стратег ова лето доби преку 300 милиони евра за нови засилувања, но резултатите не се подобрени во споредба на ланската сезона, па повторно се активираа шпекулациите дека време е Жозе Мурињо да се врати на клупата на „кралевите“. 

По овие пишувања веднаш со одговор се јави Португалецот, кој рече дека ќе се врати во Реал, но кога ќе дојде време. 

„Би ми било чест да се вратам во Реал Мадрид, но засега не сакам да зборувам на таа тема. Клубот си има тренер, и тоа не кој било, туку Зинедин Зидан. Јас ќе се вратам во Реал кога ќе дојде време за тоа“, рече Мурињо. 

Реал лошо стартуваше и во Примера и во првите четири кола запиша две победи и две реми средби, а во следното коло го чека супер-дерби на гости кај Севиља.