ВИДЕО: Муриел го казни Ајакс, Аталанта пак ќе игра нокаут мечеви во ЛШ!

Фудбалерите на Аталанта се радуваа на гостинска победа кај Ајакс од 0-1 (0-0), со која ги обезбедија второто место и нова европска пролет во Лигата на шампионите. Момците од Бергамо парираа и не му дозволуваа на тимот од „Јохан Кројф Арена“ да стигне до посакуваниот гол, а откако Класен ја промаши најдобрата шанса казната стигна преку Муриел

  • Ајакс - Аталанта 0-1:

Влогот беше голем, па јасно беше дека Тен Хаг и Гасперини нема да ризикуваат на стартот. Првата и единствена, вистинска шанса во првиот дел ја имаше Мартин Де Рон, кој сепак од изгледна позиција биеше над голот. 

Иако Ајакс беше под ултиматум да победи, ниту по стартот на продолжението не тргнаа многу офанзивно. Шансата на Песина како да ги разбуди Холанѓаните, кои тргнаа да играат во последните 20 минути. По една акција „копјаниците“ бараа пенал по дуел на Хунтелар во шеснаесетникот, ама не го добија. 

Најизгледната шанса на натпреварот ја имаше Дејви Клаасен, откако излета сам пред голот на Голини и наместо да погоди за предност, биеше во голманот на Аталанта од зицер позиција. Ајакс остана и со човек помалку бидејќи втор жолт картон доби Гравенберч, а казната стигна бргу преку резервистот Луис Муриел. Фројлер упати топка низ одбраната и Колумбиецот излета сам пред голот, го издрибла Онана и го постигна единствениот гол во 85. минута. 

Со овој пораз, Ајакс ќе ја продолжи европската авантура во Лигата на Европа, додека Аталанта втора година во низа ќе игра во осминафиналето на Лигата на шампионите. 

Во оваа група се одигра и дуелот меѓу Мидтјиланд и Ливерпул кој немаше никакво резултатско значење, а по голема драма заврши со реми од 1-1. „Црвените“ на Клоп поведоа по 55 секунди игра преку Салах, а Данците израмнија со голот на Шолц од пенал. Двата тима имаа по еден поништен погодок до крајот и ремито беше реален исход.