• Саше Љолес
Екипите на Мајорка и Атлетик Билбао одиграа ефикасен натпревар во дваесеттото коло на шпанската Примера, а победата на крајот замина кај домашниот тим, кој славеше со конечни 3-2 (2-2).
Вистински херој на Мајорка беше одличниот Ведат Муричи, кој запиша хет-трик зад своето име и донесе важна победа за неговиот тим. Атлетик двапати се враќаше во игра со головите на Унаи Гомез и Нико Вилијамс, но недоволно за освојување барем еден бод на ова гостување.
Мајорка со овие три бода стигна до вкупно 21 и се наоѓа на тринаесеттата позиција на табелата, додека за Атлетик Билбао ова беше дури десетти пораз сезонава, но останува на осмото место во елитната конкуренција.
Во следното коло Баскијците ќе гостуваат во Андалузија кај екипата на Севиља. Мајорка ќе има нешто потешка задача и ќе отпатува во Мадрид, каде ќе се соочи со тимот на Атлетико.





