• Иван Димовски

Екипата на Башкими се подготвува за својот прв настап пред кумановската публика во рамките на пролетниот дел од сезоната во ПМФЛ и ќе ги одмери силите со составот на Пелистер.
Гостите во овој дуел влегуваат со висока самодоверба по убедливата победа од 4-1 над Работнички, додека домашните, по ремито без голови против Силекс во Кратово, сега ја бараат својата прва пролетна победа. Реџеп Мурати верува во колективната сила на кумановскиот тим, иако е свесен дека пред нив е тежок и непредвидлив предизвик.
„Нè очекува голем натпревар против Пелистер, но ние сме подготвени да се бориме за секоја топка. Работевме напорно во текот на подготвителниот период и веруваме во силата на нашата група. Со поддршка од нашите верни навивачи, ќе истрчаме на теренот со големо срце и карактер. Нашата цел е кристално јасна: да се бориме до последната секунда и да ги освоиме трите бода“, изјави Мурати.
Историјата на соочувања меѓу овие два клуба брои вкупно 18 натпревари во сите натпреварувања. Десет победи има екипата на Пелистер, шест има екипата на Башкими и две средби завршиле без победник.
Пресметката меѓу Башкими и Пелистер ќе се одигра на „Градскиот стадион“ во Куманово, со почеток во 14:00 часот.





