ВИДЕО: Мунтари ги израдува Катарците со историски прв гол, ама Сенегал ги собра бодовите!

Фудбалската селекција на Сенегал извојува важна победа на Светското првенство, откако со сигурни 1-3 (0-1) ја совлада домашната репрезентација на Катар и ги впиша првите бодови во групата А од планетарниот собир.

  • Извештај од натпреварот: 

По неверојатната завршница на дуелот Иран – Велс, на која азиската селекција се избори за голем триумф со головите во 99. и 101. минута, во вториот денешен натпревар од Мундијалот домаќинот одново потфрли и го впиша вториот пораз пред својата публика. Сенегал, пак, по стартниот неуспех со Холандија остана во игра за осминафинале, кое што ќе треба да го потврди во последното коло против Еквадор.

На „Ал Тумама“ арената африканскиот шампион уште од самиот старт со висок пресинг не дозволи Катарците да ја играат својата игра, но тоа не им донесе посериозна закана пред домашниот гол. На Сенегалците, и покрај иницијативата, како да им фалеше тој последен пас, а кога не успеаја тие, катарската одбрана направи голема грешка во финишот од првиот дел и Диа со прецизен удар донесе водство за својата селекција од 0-1. Во првиот дел единственото возбудување во казнениот простор на Сенегал се случи во 35. минута, кога Афиф бараше најстрога казна, но Антонио Матеу Лахос одмавна со рака и не ја прекина играта.

На полувреме се замина со водство на Сенегал од 0-1, а само што започна вториот дел Диеду ја удвои предноста, откако со брилијантен удар со глава ја смести топката во домашната мрежа. По новиот удар, фудбалерите на Феликс Санчез немаа друго решение освен со сите сили да го нападнат противничкиот гол, и тоа им донесе две колосални шанси. Првата ја пропушти Алмоез Али, додека неколку минути подоцна Менди одлично го одбрани ударот на Исмаел. Иницијативата на домашната селекција, сепак вроди со плод во 77. минута, кога Мунтари со прекрасен гол со глава ја врати неизвесноста на натпреварот и го постигна првиот погодок за Катар во историјата на Светските првенства. 

Но, задоволството на трибините не траеше долго, бидејќи Сенегал веднаш реагираше и Диенг во 84. минута ги постави конечните 1-3.

Со оваа победа Сенегал во последното коло против Еквадор ќе решава за пласман во осминафиналето, а, и покрај поразот Катар сè уште има шанси за следна фаза, иако тие се минимални. За домаќините да останат во трката за осминафинале, прво вечерва Холандија треба да загуби од Еквадор, а потоа во последното коло да се случи вистинско чудо – убедлива победа на Катар над Холандија и пораз на Сенегал од Еквадор.

Состави

Феликс Санчез

5-3-2

    Алиу Сисе

    4-2-3-1