Мундијалската икона кажува збогум по крајот на СП 2026

Легендарниот мексикански голман Гиљермо Очоа најави дека Светското првенство најверојатно ќе биде последниот голем турнир во неговата богата професионална кариера.

40-годишниот чувар на мрежата моментално настапува на својот шести Мундијал, со што се израмни со рекордот на Кристијано Роналдо и Лионел Меси по бројот на учества на Светски првенства.

Очоа е дел од секој мундијалски список на Мексико уште од 2006 година, но својот прв настап на теренот го имаше дури на Светското првенство во Бразил во 2014 година. Токму таму стана национален херој, благодарение на фантастичните одбрани и незаборавната партија против домаќинот Бразил во групната фаза.

Четири години подоцна во Русија повторно блесна на светската сцена и беше еден од најзаслужните за историската победа на Мексико од 1-0 против Германија. На Светското првенство во Катар во 2022 година уште еднаш ги покажа своите квалитети, кога му одбрани пенал на Роберт Левандовски во ремито без голови против Полска.

Во моментов Очоа е член на кипарскиот АЕЛ Лимасол, а на отворањето на Мундијалот против Јужна Африка остана на клупата за резерви во победата на Мексико.