• Мартин Танасковски
Екипата на Борусија Дортмунд забележа рутинска победа над Бохум (3-0) и остана во чекор со водечките екипи во Бундеслигата.
- Борусија Дортмунд - Бохум 3-0:
Овој дуел го одбележа 17-годишникот Јусуфа Мукоко кој блескаше и предизвика ерупција на „жолтиот ѕид“ на „Сигнал Идуна Парк“. Два гола во мрежата на противникот, од кој еден беше страшен, го доведоа младиот играч до бројката од десет гола во елитата во кариерата.
Мукоко така стана најмладиот играч кој дошол до десетката во германската Бундеслига. Третиот гол на Дортмунд беше дело на Реина кој стрелаше од пенал. Сите три гола паднаа во првото полувреме. Вреди да се напомене дека и Бохум даде гол во 27. минута преку Хофман, но беше поништен со ВАР поради офсајд.
- Херта - Баерн Минхен 2-3:
Три бода освои и шампионот Баерн Минхен на гостувањето кај Херта (2-3) и така го презеде врвот во германската елита. Барем привремено, а дали ќе остане таму ќе се знае по средбата на Унион Берлин. Чупо Мотинг стрелаше двапати, а Мусиала еднаш за „баварците“, додека Лукебакио и Селке беа стрелци за Херта.
На останатите натпревари, Ајнтрахт Франкфурт победи со Аугсбург (2-1), Волфсбург му даде три гола на Мајнц (3-0), исто и РБ Лајпциг против Хофенхајм (3-1).