Мрме и Пандев на прием кај Мојсовски: Имав чест да угостам две легенди

Архитектот на најголемиот фудбалски успех во нашата историја, Игор Ангеловски и неговиот лидер Горан Пандев, денес беа на прием кај директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

Мојсовски уште еднаш им честита на двајцата за пласманот на Европското првенство, а воедно и им се заблагодари и им додели благодарница за нивната посветеност и професионализам, бранејќи ги боите на Македонија.

„Уште еднаш им честитав на историскиот пласман на Европското првенство, но и за сите настапи низ годините и за големите успеси. Европското првенство е голем успех за македонската репрезентација. Пандев ни откри дека и покрај големите остварувања во неговата долгогодишна фудбалска кариера, за него настапот на Европско првенство со македонската репрезентација е моментот кој го чекал сите овие години.

Селекторот Ангеловски ја имаше таа огромна чест да биде прв селектор-предводник на репрезентација која настапува на едно големо натпреварување како што е Европското првенство. Нашите репрезентативци докажаа дека сплотеноста на тимот е предуслов за успех. Од мое лично име и од име на АМС им заблагодарив и им доделив благодарници за досегашните успеси и за сите позитивни емоции кои ги предизвикаа кај сите нас“, вели директорот Мојсовски.

Инаку, веќе е познато дека и двајцата во иднина нема повеќе да бидат дел од фудбалската репрезентација на Македонија. Пандев се пензионира од репрезентативниот дрес, додека Ангеловски не го продолжи договорот со Фудбалската федерација на Македонија и за негов наследник е назначен Боби Милевски.