Можна е казна за Арсенал, спорна е прославата на мечот со Борнмут

Екипата на Арсенал забележа многу важна победа против Борнмут во Премиер лигата и успеа да ја одржи предноста од пет бодови во однос на второпласираниот Манчестер Сити

„Топчиите“ со гол во 97. минута од мечот дојдоа до спектакуларен пресврт и успеаја да слават со 3-2, иако до 51.минута имаа негатива од 0-2. Откако Нелсон го постигна победничкиот гол, целиот тим, стручниот штаб, па дури и некои навивачи влетаа на теренот за да ја прослават големата победа. 

Токму прославата на голот не му се допаднала на судијата Кевено кој го пријавил случајот во Англиската фудбалска федерација. Во записникот е наведено дека „прославата ги нарушила правилата“ и дека одредени лица не смееле да истрчаат на теренот на „Емирати“. 

Правилата велат дека играчите и стручниот штаб мора да останат „во рамките на своите граници“ и да не дозволат хаос на теренот во ниту еден момент од мечевите. Дисциплинската комисија на Англиската фудбалска асоцијација (ФА) ќе го разгледува случајот, а освен забрана за навивачите кои влетаа на теренот, Арсенал може да заработи висока парична казна и евентуална суспензија за учесниците во „непрописното“ славје.