• Саше Љолес
Репрезентацијата на Белгија би можела да добие нов селектор кој ќе го предводи тимот низ мундијалските квалификации, каде во групата Ј се наоѓа и македонската национална селекција.
Италијанецот Доменико Тедеско не присуствуваше на ждрепката во Цирих, а за домашните медиуми пред неколку дена изјави дека нема да го коментира извлекувањето, што автоматски фрла сомнеж дека неговиот однос со федерацијата не е во најдобар ред и можна е негова смена пред почетокот на квалификацискиот циклус.
Не е познато кој би бил наследникот на Тедеско, но факт е дека селекторот на моменти оставаше чуден впечаток и влезе во конфликт со неколку играчи, меѓу кои и голманот Тибо Куртоа, кој не беше повикан за Европското првенство во Германија. Иако првично беше најавено дека Куртоа самиот не сакал да биде дел од националниот тим поради недоволната подготвеност, сепак, подоцна излегоа информации дека ситуацијата била сосема поинаква и дека чуварот на мрежата бил многу разочаран од одлуката на Тедеско.
Белгија важи за голем фаворит во нашата квалификациска група, каде се уште селекциите на Велс, Казахстан и Лихтенштајн.