Можен е нов преседан за финалето, дуелот меѓу Шпанија и Аргентина под закана

Големото финале на Светското првенство, кое в недела ќе се одигра на стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси, би можело да биде засенето од временските услови.

Според најавите, за денот на финалето се очекува топло време со висока влажност, но метеоролозите предупредуваат дека силно невреме е прогнозирано за сабота, а евентуално поместување на фронтот кон недела би можело сериозно да ги наруши плановите на организаторите.

Правилникот на ФИФА е јасен, секој натпревар мора да биде прекинат на најмалку 30 минути доколку гром удри во радиус од 13 километри од стадионот. Доколку во меѓувреме следува нов удар од гром, одбројувањето започнува одново, што може да доведе до повеќекратни и долги прекини. Доколку се случи такво сценарио, тоа би бил вистински преседан за финале на Светско првенство.

Инаку, веќе е потврдено едно историско отстапување од вообичаените правила. Паузата на полувремето на финалниот натпревар ќе трае триесет минути, наместо стандардните петнаесет, што е направено поради свечената програма која ќе биде организирана меѓу двете полувремиња.

Во големото финале ќе се сретат селекциите на Шпанија и Аргентина, а ден претходно за третото место ќе се борат Англија и Франција.