• Саше Љолес

Се чини дека можен е огромен пресврт кога се работи за иднината на Томас Тухел во екипата на Баерн Минхен. Иако вчера беше објавено дека управата на баварците има голема доверба во германскиот стратег, сепак, денешните информации говорат нешто сосема поинакво.
Тухел го наследи Јулијан Нагелсман на клупата на Баерн во март, но откако стана предводник на гигантот од Минхен, успеа да забележи само две победи на седум натпревари. Управата на клубот веќе цела недела зборува за „големата доверба“ во тренерот, но дел од германските медиуми пишуваат дека веќе се одржал „кризен“ состанок на кој била дискутирана иднината на стратегот. Се шпекулира дека Тухел бил незадоволен од досегашниот учинок и самиот го предочил тоа на челните лица во клубот, но и самата управа има големи замерки за работата на тренерот. Наводно, претседателот Оливер Кан јасно ставил до знаење дека лошите резултати нема да се толерираат долго, иако Тухел дојде на клупата пред точно еден месец.
Навивачите се свесни дека нешто не е во ред со нивниот омилен клуб, а на социјалните мрежи велат дека потезите како бркањето на Нагелсман среде сезона не доликуваат на славен тим како Баерн Минхен. Баварците отсекогаш важеа за клуб кој не прави лоши и аматерски потези, но оваа сезона нешто „пукна“ во тимот, па тренерот Нагелсман беше заменет со Томас Тухел кој по сè изгледа, не го прикажува потребниот перформанс. Прашањето е колку време ќе му даде управата на новиот тренер за да може да го крене тимот од лошата форма и да почне повторно да реди победи, а отпуштање на Тухел пред истекот на сезоната може да дојде како уште поголем шок за сите, затоа што Баерн тоа никогаш порано го нема направено во историјата.
Голем дел од јавноста е убедена дека Баерн се помирил со неуспешната сезона и дека управата ќе му даде целосна поддршка на Тухел за следната сезона, но дел од медиумите велат дека нема да биде изненадување ако тренерот заработи отказ, по само два или максимум три месеци откако дојде во клубот.
Договорот на Томас Тухел е со важност до крајот на сезоната 2024/25. Целата ситуација за баварците е тешка и комплицирана, а тоа најмногу ги погодува искрените навивачи на Баерн Минхен, кои не се навикнати на вакви големи „киксови“ и чести порази на својот тим.