Можеби не сте слушнале за него, но најдобриот фудбалски тренер е Австриец!

Историјата на фудбалот понуди многу генијални умови. Многу тренери со влијание врз играта, резултатот, титулите, стекнале популарност повеќе од фудбалските ѕвезди. Холандските иноватори Михелс и Кројф, големиот Сер Алекс, италијанските тренерски магови Беарцот, Трапатони, Саки, Липи, Капело, Шкотите Шенкли и Пејсли, Унгарецот Гутман, аргентинскиот маг Хеленио Херера, плеада германски стручњаци, па големиот Лобановски и модерните умови Гвардиола и Клоп сигурно се во некоја потесна група на тренери за кои можете слободно да изустите – најдобар тренер на сите времиња. И нема да погрешите, сите имаат карактеристики за број еден. Но, малкумина знаат дека постои еден тренер кој доаѓа од земја која не е најфудбалска, а кој може да застане рамо до рамо со сите овие магови. Јунакот од оваа приказна е Австриец, роден на 29 ноември 1925 година во Виена. Неговото име е Ернст Хапел и денес може да го чуете само ако сте го посетиле легендарниот „Пратер“ во Виена, стадион кој го носи неговото име. Не постои тренер со таков импакт и влијание врз сите клубови и селекции во кој работел од големиот Хапел. А никогаш не бил тренер на Реал, Барса, Милан, Јуве или Баерн. Титули има колку Кројф и Бекенбауер, Капело и Фергусон, а влијание дури и повеќе од нив. 

Како фудбалер Ернст Хапел кариерата ја започна во Рапид и како 13-годишник ги направи првите чекори во младинските категории. Дванаесет години го носеше дресот на сениорската екипа на Рапид, собра 177 настапи, освои шест шампионски титули, еден Куп на Австрија, а во 1951 година триумфираше во Центропа Купот (поранешен Митропа Куп). Во сеавстриското финале, Рапид го победи големиот ривал Австрија со 3-2, а Хапел беше еден од најдобрите. Во 1955 година, Хапел се решава за прво интернационално искуство и потпишува за француски Париз. Само една сезона мина во земјата на „галските петли“, одигра преку 40 натпревари и постигна девет гола. Веќе во поодминати години Ернст Хапел се враќа во Рапид и ги игра последните три сезони во кариерата. Најголемиот успех, сепак шефот на одбраната Хапел го оствари со австриската репрезентација. На Светското првенство во 1954 година, Австрија се искачи на пиедесталот, освојувајќи го третото место, резултат кој и денес е недостижен за оваа европска земја. На тој Мундијал беше одиграно неверојатното четвртфинале меѓу Швајцарија и Австрија. Австријците извојуваа победа од 7-5 и тоа во регуларниот тек. Но, Хапел и другарите немаа сили за уште едно херојство и загубија од моќната Западна Германија со 6-1 во полуфиналето. Сепак, имаа мало финале за поправен испит, па откако го победија Уругвај со 3-1 го остварија најголемиот успех во историјата – трето место на Светско првенство. Хапел ја завршува играчката кариера во 1959 година и почнува први назнаки за тренерска работа.  

По неполни три години го презема малиот холандски клуб Ден Хаг и преку ова искуство стигнува до ѕвездите. Како млад тренер, Хапел од сезона во сезона го подобрува пласманот, гради тим кој ќе ги нападне гигантите. Цели седум години останува во Ден Хаг и трипати во четири години игра во финалето на Купот. Во 1963 година загуби од Вилем 2 со 3-1, следната година кобни беа пеналите во финалето против Фортуна 51, а во 1966 година потклекна пред Спарта Ротердам со 1-0. Сепак, одзмазда за сите порази стигна во мај 1968 година. Сите ривали паѓаа еден по друг во Купот на Холандија, а во финалето се случи најголемото чудо. На „Зудерпарк“ во Хаг, Ден Хаг го сруши големиот Ајакс, во тоа време доминатор во фудбалска Европа со 2-1. Шонмакер и Артс ги постигнаа головите за триумф од 2-1 на екипата на Хапел. Цела Холандија и дел од Европа ја виде новата холандска реалност и врвниот млад тренер од Австрија.

По освојувањето на Купот, неколку европски сезони со малиот Ден Хаг, Хапел добива понуда од Ротердам од гигантот Феенорд. Мисијата му беше претешка. Од него се бараше холандска и европска титула, а земјата на „лалињата“ дотогаш немаше европски фудбалски првак. Од летото 1969 година започна нова епизода во животот и кариерата на Хапел. Австрискиот тренер наследи шампионска екипа и во првата сезона ја нападна европската титула. Во сезоната 1969/70 Хапел веднаш имаше голем испит. Милан на Ривера уште во осминафиналето на Купот на шампионите беше огромна пречка. По поразот од 1-0 на „Сан Сиро“, сите ги отпишаа Холанѓаните. Но, на реваншот на „Де Кујп“, со головите на Јансен и Ван Ханегем, Феенорд приреди подвиг и го елиминира моќниот ломбардиски гигант. Во четвртфиналето како голем фаворот Феенорд се намачи против Ворвартс Берлин, клуб од Франкфурт кој дојде со препорака за освоената Бундеслига. По поразот од 1-0 во Германија, Феенорд славеше со 2-0 на домашен терен и по истиот рецепт како против Милан, пред своите фанови прослави пласман во следниот круг. Полуфиналето против Легија беше најубедливиот двомеч, па Ван Ханегем и Хосил со победа од 2-0, го материјализираа ремито без голови, кое тимот  на Хапел го донесе од Варшава и првпат една холандска екипа играше финале на Купот на шампионите. На 6 мај 1970 година Феенорд пак се врати на „Сан Сиро“, но овојпат по европска круна. Против себе го имаше шкотски Селтик, екипа која веќе освои европска титула и знаеше како се стигнува на врвот на Европа. Самиот податок дека го елиминираа англискиот првак Лидс, ги лансира Шкотите како фаворити. Со 1-1 се влезе во финишот на финалето, откако на голот на Израел, реплицираше Гемел. Кога сите очекуваа пенали, во 117. минута Швеѓанецот Киндвал прими една долга топка од Израел и со резантен удар го матира Ивен Вилијамс и донесе транс од радост и неверица. Феенорд на Хапел стана европски првак во првата сезона на австрискиот тренер, а Холандија прослави прва круна од Купот на шампионите. Но, не од „раката“ на Ајакс или ПСВ Ајндховен, туку од изненадувањето Феенорд. Вим Јансен и Вилем ван Ханегем станаа планетарни ѕвезди, а капитенот Ринус Израел го подигна големиот пехар среде Милано.

Половина година подоцна Хапел и Феенорд станаа и светски шампион. Во изедначен дуел против победникот на Копа Либертадорес, Естудијантес од Ла Плата, Холанѓаните извојуваа триумф во двомеч. Во Аргентина, Ван Ханегам и Киндвал го анулираа аргентинското водство со 2-0 преку Ечекопар и Верон и со одлични 2-2 се вратија во Европа. Во тврд дуел на „Де Кујп“, Ван Дале во 63. минута го постигна единствениот гол и вторпат во таа 1970 година Ротердам славеше заради својата фудбалска гордост. 

На Хапел му недостигаше само домашна титула, а таа имаше посебен набој помеѓу фановите. „Дер Класикер“ дуелите против Ајакс беа приказна за себе. По голема борба до последното коло, Феенорд за четири бода пред Ајакс мина низ целта и стана шампион на Холандија со 57 бода. Оле Киндвал со 24 гола беше најдобар стрелец на шампионатот, а Хапел веќе беше еден од најценетите тренери во Европа, а имаше 45 години и скромно искуство во холандскиот фудбал. Остана уште две сезони во Ротердам, стигна далеку во Купот на шампионите, но невозможно беше да се повтори магичната 1970 година. Ајакс на Кројф загосподари со Ередивизие и по четири успешни години и со одлична прифатеност од фановите, Хапел во 1973 година ја презеде шпанска Севиља. Преминот во Aндалузија беше големо изненадување, бидејќи Хапел не знаеше шпански јазик, а и стилот на фудбал на малиот андалузиски клуб не беше како аристрократските холандски клубови. Уште потешко беше што Севиља беше второлигаш и далеку од статусот кој го стекна во последните години од минатиот и првите од новиот милениум. Во единствената сезона во Сегунда, Хапел не успеа да ја внесе Севиља во Примера, заврши на деветтото место и веднаш ги напушти Пиринеите, за да премине во Бриж.

Овојпат Хапел наследи моќен тим во белгиската лига и цел му беше европски исчекор. Белгија до тој момент не беше ни блиску до европско финале, а Хапел остави толку голема трага, што кога замина Белгијците имаа десетина финални натпревари во европските клупски натпреварувања. Три години по ред Бриж го освојуваше шампионатот, а триумфираше и во Купот на Белгија во 1976/77. Тимот од малото белгиско место, кое го споредуваат со преубавата Венеција, првиот европски испит го имаше во сезоната 1976/77 во Купот на УЕФА. Против Рома и Милан тимот на Хапел беше аутсајдер, но успеа да ги елиминира тимовите од Серија А и закажа финале во два натпревари против Ливерпул. Тимот предводен од Ламберт и Вандерејкен загуби со 3-2 на „Енфилд“, иако двапати водеше. Две недели подоцна и во Бриж, белгискиот тим ја испушти предноста и со вкупни 4-3 „црвените“ на Боб Пејсли го грабнаа Купот на УЕФА. 

Две години подоцна двете екипи се сретнаа во финале на Купот на шампионите. Хапел успеа и во втората невозможна мисија и доведе една белгиска екипа во финале на европски Куп. Бриж ги елиминира Атлетико Мадрид и Јувентус, екипи кои доаѓаа од моќни првенства и Ливерпул знаеше со кој ривал си има работа во финалето тој 10 мај 1978 година на „Вембли“. Сепак, Англичаните беа многу искусни, во налет и со две супер-ѕвезди – Киген и Далглиш. Токму Кени „The king“ го постигна единствениот гол во 64. минута и Бриж вторпат загуби европско финале. И покрај поразите Хапел беше најдобар континентален тренер, цела Европа знаеше дека со тимови кои се далеку од европскиот врв, прави чуда. 

Хапел се одлучи за нов чекор во кариерата и ја презеде холандската репрезентација од легендарниот Ринус Михелс. „Лалињата“ веќе се квалификуваа за Мундијалот во Аргентина, а од октомври 1977 година Хапел започна да го кова планот за светска титула. Сепак, Кројф откажа во последен момент и Холандија, која важеше за најмоќна европска сила, со ѕвездите на Ајакс како тројни европски шампиони и понекој стар лик од времето на Хапел во Феенорд, тргна во Буенос Аирес. Во главната групна фаза со Италија, Западна Германија и Австрија, Холандија се избори за првото место и по системот на натпреварување, тоа значеше директно место во финалето, без нови елиминациони натпревари. Раскошниот фудбал на холандските звезди, Резенбринк, Крол, Ван Ханегам го освои светот, дури и повеќе од јужноамериканските сили Бразил и Аргентина. Се чинеше дека „кариоките“ ќе играат во финалето против Холандија на Хапел, бидејќи на домашната Аргентина ѝ требаше победа од шест разлика против Перу за прво место во главната групна фаза. Иако делуваше тешко, „гаучосите“ на Базиле славеа баш со 6-0 против Перу, а подоцна се испостави дека перуанскиот голман, инаку Аргенинец, не се ни испоти да одбрани некој од аргентинските удари кон неговиот гол. Во финалето на „Монументал“, Холандија играше поорганизирано, делуваше повеќе како тим, но Аргентина го имаше Кемпес. Нанинга во 82. минута го поништи голот на Марио Кемпес и финалето влезе во продолженија. Во екстра-времето пак погоди Кемпес, а Бертони ја запечати судбината на Холандија (3-1). 

Хапел се врати во Европа со сребро, исто како и Михелс пред четири години во Минхен. Но, неговиот договор беше на истек и од Холандија пак замина во Белгија. Половина сезона го водеше младиот Харелбек, а потоа стигна повикот од Лиеж. Стандард не беше ни Бриж, ни Андерлехт, два гиганта кои одиграа 5-6 европски финалиња во седумдесеттите години од минатиот век. Сепак, во првата сезона новиот тим на Хапел го сруши Андерлехт и на лесен начин во финалето на Купот во Брисел го декласира Локерен со 4-0. Хапел освои трофеј и со четврта различна екипа по Ден Хаг, Феенорд и Бриж. Два месеци по освоениот трофеј од Купот, Стандард на Хапел наиде на потежок ривал во Суперкупот. Во единствен натпревар и тоа на теренот на противникот, екипата на Хапел го победи и Андерлехт на Гителс и Резенбринк. По натпревар без голови, во пенал рулетот повеќе среќа имаше тимот од Лиеж и извојува победа од 0-0 (1-3). Хапел остана уште една сезона во Лиеж и клупата му ја отстапи баш на Гителс, кој следната сезона стигна до финалето на Купот на Куповите со истиот тим на Австриецот. Герец, Мевс, Вендт, младиот Пруд Ом, Вандермисен и останатите загубија во финалето од Барселона на „Камп Ноу“ (2-1). 

Австрискиот генијалец не го напушти  Лиеж за било кој тим, туку за германскиот гигант во прогрес, Хамбургер. По Холандија и Белгија, австрискиот тренерски маг стигна и во моќната Бундеслига. Во првите две сезони веднаш остава трага и воден од Магат и Хрубеш, младиот голман Ули Штајн и Данецот Ларс Барструп освои две „салатари“. Во време на доминација на Баерн и Борусија Менхенгладбах, клубот од северното германско пристаниште освои две Бундеслиги. Предизвикот беше ист како во Ротердам и Бриж. На Хамбургер му се смееше европски подвиг, а кој подобро да дојде до него од Ернст Хапел. Во сезоната 1982/83, Хамбургер како фаворит од сенка влезе во Купот на шампионите. Декласиран беше Олимпијакос во осминафиналето, а победата од 0-3 против Динамо Киев во Украина во четвртфиналето долго се паметеше. Баструп постигна три гола и го визира полуфиналето. Претпоследната пречка беше шпанскиот шампион, најдобриот Реал Сосиедад во историјата. Ролф постигна гол за ветувачки 1-1 во Баскија, а Јакобс и Вон Хесен на „Волкспарк стадиум“ донесоа победа од 2-1 и историско финале против Јуве на Трапатони во Атина. На 25 мај 1983 година Хапел со златни букви испиша историја и во петти европски клуб од сенка. Јуве беше моќен и во своите редови имаше фудбалери како Платини, Роси, Бетега. Дури и италијанскиот шампион имаше многу шанси, но Штајн бранеше и возможно и невозможно. Голот на Феликс Магат во деветтата минута остана единствен во финалето и Хамбургер во втората сезона во Купот на шампионите стана европски првак. Хапел имаше финалиња и трофеи како ретко кој тренер во Европа. А не ги водеше ни Ајакс, ни Баерн, ни Ливерпул – трите големи европски сили во негово време. Три месеци по европската титула, Хапел и Хамбургер загубија во двомеч од Абердин на Алекс Фергусон во Суперкупот на Европа, а во декември истата таа 1983 година германскиот и европски првак загуби од Гремио во едно од првите единствени финалиња на Интерконтиненталниот Куп во Токио. Ренато постигна два гола за Гремио, вториот во продолжението, и Хамбургер остана без светска круна (1-2). Сепак, Хапел имаше доволно кредити и остана на клупата на северниот германски гигант. Во 1987 година својата епизода во Германија ја заокружи со единствениот трофеј кој му недостигаше, ДФБ покал – Купот на Германија. Во финалето во Берлин против Штутгартер Кикерс, Хамбургер славеше со 3-1 и го подигна трофејот од натпреварувањето. Со овој резултат заврши златното време на Хамбургер, па како и Феенорд и Бриж, никогаш повеќе не го повтори подвигот од времето на Хапел. 

Во 1987 година, само неколку дена по освојувањето на Купот на Германија, веќе времешен, 62-годишниот Хапел се враќа во родната Австрија. Во земјата во која настапуваше за Рапид и оствари најголем успех со репрезентацијата (трето место на Мундијалот во 1954 година), Хапел првпат дојде да работи во седмата деценија од животот. И не го одбра Рапид или Австрија, туку Тирол. Веднаш се почувствува трага во неговата работа и во втората сезона стана шампион во австриската Бундеслига. Во сезоната 1988/89 Тирол беше лидер од првото до последното коло, а славеше и во плеј-офот. Ханси Милер и Нестор Горосито беа главни ѕвезди на тој Тирол, а играа и Линдербергер, Баур, Линцмајер, Руперт и Пакулт. Истата група ја одбрани титулата и во сезоната 1989/90. Последниот трофеј во кариерата на Хапел беше Купот на Австрија. Во финале, кое се играше во два натпревари, Тирол ја декласира Адмира Вакер. По поразот од 0-2 на гостински терен, во Тирол екипата на Хапел извојува победа од 6-2 и ја заокружи доминацијата во австрискиот фудбал. Хапел освои трофеи во четири различни земји и испиша златни страници со клубови од земји кои не се во најдобрите пет на континентот.

Како 67-годишник Хапел дојде до селекторското место во австриската репрезентација. Врв на кариерата и последен предизвик. Сепак, здравствените проблеми не му дозволија да ја исполни последната професионална цел. Ернст беше страствен пушач, сакаше често да биде осамен, а коњакот му беше чест придружник. Никогаш не се женеше, сакаше да игра карти и хазардерски игри. Но, во пролетта 1992 година го стигна тешка болест и многу брзо почина. Цел живот го посвети на фудбалот, освои девет трофеи како фудбалер и 18 како тренер и испиша златни моменти во фудбалската игра.

Австриската федерација го именува легендарниот „Пратер“ во Виена во чест на големиот Хапел. Така често и денес цел свет го споменува, но многумина не ја знаат оваа приказна за австрискиот тренерски генијалец, кој во четири земји од централна Европа остави голема трага. „Франс фудбал“ го сврсти на деветтото место на најдобри тренери на сите времиња, но Ернст Хапел по многу нешта беше прв и неповторлив.  

Зоран Мишевски