Можеби не е добар менаџер, но затоа знае „ДЕБЕЛО“ да наплати!

Некогашната ѕвезда на Манчестер Јунајтед и Барселона, Марк Хјуз, зад себе остави фантастична играчка кариера, но никако не може да се пофали со успешна менаџерска кариера. 

55-годишниот Велшанец, вчера заработи нов отказ, откако го разочара раководството на Саутемптон, кое поради лошите резултати и само едната победа во 14. одиграни кола во Премиер лигата, беше приморано да му врачи отказно решение. 

Со овој отказ, Хјуз стана единствениот менаџер во Премиер лигата кој во иста календарска година заработува два отказа од два клуба, откако пролетва беше избркан од Стоук Сити, иако на „Британија“ се задржа најдолго во својата кариера, од 30 мај 2013 година до 6 јануари 2018 година.

Претходно, речиси истата судбина ја доживеа и како менаџер на Манчестер Сити, Фулам и Квинс Парк Ренџерс, со што британските медиуми го сместуваат меѓу најлошите менаџери во историјата на Премиер лигата. Но, во еден сегмент сите му симнуваат капа на Хјуз, а тоа е фактот дека како последици на сите откази, досега инкасирал неверојатни 20 милиони фунти, сума на пари која некој менаџер не може да ја собере цела кариера. 

„Светците“ веднаш реагираа и уште денес го претставија австрискиот стратег Ралф Хазенхутл, за нов менаџер на тимот.