• Мартин Танасковски

Напаѓачот на Шкендија, Марко Ѓорѓиевски, за првпат се најде на списокот на македонската репрезентација. Селекторот Гоце Седлоски му упати дебитантски повик на голгетерот на тетовскиот клуб, кој со своите настапи и голови заслужено го привлече вниманието на националниот тим.
26-годишниот Ѓорѓиевски оваа сезона има три погодоци на десет натпревари, а сезоната ја започна во одличен ритам, со голови против Браво и Хибернијан. По кратката пауза поради повреда, напаѓачот повторно се врати на терените. Особено важен беше неговиот настап во последното коло. Ѓорѓиевски го постигна решавачкиот гол против Брегалница во Штип, со кој Шкендија стигна до значајни три бода.
Неговиот квалитет не е непознат за македонската фудбалска јавност. Пред заминувањето во странство во Романија, Ѓорѓиевски се истакна како најдобар стрелец во домашното првенство, во дресот на кратовски Силекс.
Дебитантскиот повик од Седлоски e признание за неговата досегашна работа и добра форма, но и нова можност напаѓачот на Шкендија да се наметне во националниот тим и да ја оправда довербата.
Ѓорѓиевски во минатото играше за У15, У18, У19 и У21 репрезентациите на Македонија. Во сите селекции, има шест гола.








