Може ли Чурлинов да продолжи каде што застанаа Мицевски, Ќириќ, Новески...?

Да се игра во германската Бундеслига никогаш не е лесно, но во споредба со бројот на македонските фудбалери во Италија, Шпанија Англија, Германија секогаш била комфорна зона за нашите интернационалци. Првиот наш фудбалер кој играл во елитната категорија на четирикратниот светски првак е Ванчо Балевски. Легендата на Вардар, по една сезона во сплитски Хајдук, во 1976 година потпиша за Карлсруе. Во првата сезона екипата на Балески се бореше за опстанок во лигата, но во финишот за еден бод беше краток. Освои 28 бода и не успеа да ги стигне Бохум, Сарбрикен и Кајзерслаутерн и се пресели во Втората Бундеслига. Балевски играше и во понизок ранг. Собра 36 натпревари и постигна три гола. Сепак, одбележа еден период во кој Македонец во Германија не можеше да игра така лесно. Подоцна Балевски се врати во Југославија и во 1978 година го облече дресот на Олимпија од Љубљана. 

Уште една наша легенда и култен лик на Вардар во шеесеттите години, Методија Спасовски во ист период со Балевски се пресели во Германија. Ако Балевски од Хајдук потпиша за Карлсруе, Спасовски директно од Вардар потпиша за Сарбрикен. Во летото 1974 година Спасовски дебитираше за новиот клуб, обезбеди опстанок во првата сезона, остана цели три години и запиша 60 натпревари, постигнувајќи четири гола. Некогашниот вардаров бек, кариерата ја заврши во матичниот клуб, а за националниот тим на Југославија запиша три натпревари. Пред нив двајцата Драган Мутибариќ во сезоната 1975/76 потпиша за Шалке 04 и во 30-тата година ја круниса својата кариера во дресот на Вардар. Сепак, одигра само два натпревари и не остави трага во Бундеслигата.

По скоро две децении повторно Македонец заигра во елитната категорија на Германија на почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Дефанзивецот кој поникна во редовите на Вардар, Елвис Хајрадиновиќ во 1990 година потпиша за Кајзерслаутерн. Сепак, конкуренцијата беше пресилна и Елвис преку Борусија Дортмунд, се пресели во Падерборн. Со преку 40 натпревари во дресот на второлигашот, Хајрадиновиќ конечно се пронајде во Германија. Кариерата ја заврши во Вупертал и Есен, но во нашата земја не доби голем публицитет. Скопјанецот Горан Марков никогаш не играл за македонски клуб, но откако рано се пресели во Германија и ги мина младите категории на Тенис Борусија Берлин, во 1993 година одигра две полни сезони во второлигашот Унион Берлин. Тоа му беше добра препорака за трансфер во Ханза, новиот бундеслигаш, кој се засили за сезоната 1995/96. Но, ако Марков имаше симболичен учинок и само седум натпревари, сосема поинаков беше вториот Македонец во клубот од Росток. Тони Мицевски дојде директно од Пелистер во Ханза и тоа на барање на тренерот Франк Пагелсдорф. Битолчанецот уште во Пелистер правеше разлика, а и млад дебитираше за националниот тим. Во 1996 година потпиша за Ханза и веднаш се наметна во првиот тим. Неговите физички карактеристики перфектно одговараа на германскиот стил на игра. Мицевски беше компитабилен фудбалер за Бундеслигата, играше во два правци, а имаше и одлични соиграчи. Беше избран како еден од тројцата странци кои беа дозволени, а останатите беа Нигериецот Акпобори и Полјакот Чаласкиевич.

Во две сезони Мицевски одигра 46 натпревари, постигна три гола и учествуваше во историската сезона на Ханза, која во последното коло го испушти „возот“ за Купот на УЕФА. Следеше една сезона во Унион Берлин, па враќање во Пелистер. Мицевски се етаблираше во лидер на националниот тим, за кој одигра 49 натпревари. Во 2000 година стигна повикот од Енерги Котбус и нов предизвик за сега веќе искусниот македонски фудбалер за врска. Тони ја делеше соблекувалната со интернационален состав, со Бугаринот Цветанов, Бруно Акраповиќ, Босанецот Пиплица, Бразилецот Битенкорт, Унгарецот Мирјуца и многу, многу други. Мицевски одигра 16 натпревари и постигна два гола и во 2002 година потпиша за Победа. Но, Тони Мицевски и по третпат директно од татковината потпиша во Германија, откако во 2003 година му пристапи на Оснабрик и остави трага и во втората Бундеслига. Сигурно еден од нашите најдобри репрезенти во Германија и општо во Европа. 

Уште пред Марков и Мицевски да пристигнат во Германија, „Златната копачка“ на Европа, Дарко Панчев неочекувано пристигна во Бундеслигата. Во 1994 година Интер го позајми во Лајпциг. Европскиот првак со Црвена Звезда одигра десет натпревари и постигна два гола. Следната сезона Интер се ослободи од неговиот договор, а Панчев потпиша за Фортуна Дизелдорф на Александар Ристиќ. Екипата на Дарко беше со скромен квалитет, па напаѓачот одигра 14 натпревари и постигна два гола, пред да се пресели во Сион. 

Во 1997 година, во полна зрелост и форма во својата кариера, Митко Стојковски од Овиедо потпиша за Штутгарт. Неговиот трансфер беше полн погодок и чекор напред во кариерата, Работеше со Јоаким Лев, а играше стандардно покрај Елбер, Бобиќ, Балаков, Солдо...Штом во 1998 година пристигна во Германија, се зацементира на левата бековска позиција и играше скоро на секој натпревар. Штутгарт секоја сезона се бореше за место во Европа, а антологиска беше сезоната 1998/99 во Купот на Куповите. По победите над Славија Прага и Локомитив Москва, Штутгарт стигна до финалето против Челзи и загуби со 1-0. Следната сезона „швабите“ остварија еден голем подвиг кој остана врежан во историјата. Штутгарт во првото коло на Купот на УЕФА загуби со 1-3 од Феенорд на „Некер стадиум“, но на реваншот во Ротердам извојува победа од 0-3 и го елиминира првиот холандски шампион на Европа во историјата. Стојковски до повредата на коленото играше стандардно и запиша 20 натпревари. Подоцна се врати во Пелистер и директно учествуваше во освојувањето на Купот на Македонија. Со сигурност повредата го спречи да оствари уште поголеми успеси во германскиот шампионат. 

Во 1998 година во Штутгарт потпиша и Срѓан Захариевски по одличните настапи за Силекс. Сепак, не доби шанса во првиот тим и настапуваше за втората екипа на поранешниот германски шампион. Во последните години од минатиот милениум јавноста го запозна за македонската публика анонимниот голман на Ајнтрахт Франкфурт, Ока Николов. Момче родено во Оденвалд, кое се наметна и го чуваше голот на Ајнтрахт на преку 300 натпревари. Иако не беше физички импресивен, имаше добар рефлекс и остави белег во Бундеслигата. Од македонските фудбалери само Новески собра приближен број настапи како него во Бундеслигата. Кариерата ја заврши во Соединетите Американски Држави, а за националниот тим не се изнаигра. Собра пет натпревари, но имаше и несреќа да настапува во период кога Македонија имаше одлични голмани, Петар Милошевски пред сите. 

Во 1998 година во Нирнберг пристигна Саша Ќириќ, по класата која ја покажа во Пелистер и Вардар и настапите во Бугарија и Швајцарија. Во дресот на малиот баварски клуб од градот Нирнберг, во првата сезона грчевито се бореше за опстанок, Ќириќ беше најдобар фудбалер на екипата, најдобар стрелец и лидер. Сезоната ја заврши со 13 гола, но Нирнберг испадна од лигата. По една сезона во Тенис Борусија Берлин, Ќириќ потпиша за Ајнтрахт и се наметна и во новата средина. Следеше експлозија на голови и враќање во Нирнберг во 2002 година. Под водство на Магат, иако во поодминати години, македонскиот напаѓач беше миленик на навивачите, дури и му посветија цела трибина. Со 21 гол на 47 натпревари, 35-годишниот Ќириќ заврши уште една успешна епизода и кариерата ја заврши во дресот на Кикерс Офенбах. За националната репрезентација одигра 26 натпревари и постигна осум гола. 

Во сезоната 1997/98, Борче Томовски одигра еден бундеслигашки натпревар за Ханза, настапуваше за АУЕ, Есен, Падерборн...Во истиот период на мала врата во Германија се појави младиот дефанзивец од школата на Пелистер, Николче Новески. По кратка епизода во Ханза и одлични три сезони за АУЕ, Новески во 2004 година потпиша за Мајнц 05. Неговата приказна во овој клуб е како најубава бајка. Започна како талентиран одбранбен фудбалер, за по единаесет години од клубот да заминe како легенда. Работеше со тренерски имиња како Клоп и Тухел и двајцата пред неколку години го почестија на неверојатен проштален натпревар на стадионот на Мајнц. Новески стана зрела личност и дефанзивец за пример. Вгради германски менталитет, имаше физикус за респект, а со потребното искуство успеваше да се носи и со најдобрите напаѓачи во Бундеслигата.

Не е тајна дека во најдобрите денови на негова адреса стигнуваа понуди од клубови од Германија и континентот. Па, дури и откако со пензионира телефонот на Новески постојано звонеше. Но, неговата врска со Мајнц 05 беше нераскинлива. Стана капитен, миленик на гледачите и до последниот 315-ти натпревар за екипата од централна Германија остави пример за помладите. За македонската репрезентација дебитираше во 2006 година против Андора и собра 46 настапи со пет постигнати гола. Со сигурност еден од македонските фудбалери со најголема трага во шампионатот на Германија. 

Македонската колонија во Германија не беше така бројна во првите години од новиот милениум. Во сезоната 2004/05 Ванчо Трајанов потпиша за Арминија Билифилд. По настапите во Бугарија, македонскиот фудбалер за врска се избори за премин во Бундеслигата, но не се наметна и одигра само еден натпревар. Македонските дефанзивци постојано беа на цена, па Игор Митрески се пресели во Бундеслигата по доброто искуство во Русија, Украина и Израел. Во летото 2006 година, Енерги Котбус потпиша со нашиот одбранбен фудбалер и оствари полн погодок. Стружанецот запиша три сезони и после 76 натпревари замина за Азербејџан.

Во истиот тој период како еден од најнадежните фудбалери во македонскиот шампионат, Александар Васоски од Вардар се пресели во Ајнтрахт Франкфурт. Како веќе етаблиран репрезентативец на Македонија, тетовчанецот се наметна и во новата средина и беше незаменлив во стартниот тим на клубот од централна Германија. Васоски одигра 98 натпревари и постигна три гола за Ајнтрахт и во 2011 година ја заврши кариерата. Ги закачи „копачките на клин“ на 32 години, иако сигурно ќе играше и уште повеќе ако не беа повредите. 

Во 2008 година Бесарт Ибраими беше најдобар стрелец во ПМФЛ и изненадувачки потпиша за Шалке 04. „Кралско сините“ се еден од најголемите клубови во Германија, конкуренцијата беше многу силна, па кичевчанецот не се изнаигра. Дојде млад во Германија и запиша само шест настапи за клубот од Гелзенкирхен. По само една сезона ја напушти Германија и запиша за Севастопол во Украина. Слична судбина го снајде и Ферхан Хасани, тогаш како млад и талентиран фудбалер на Шкендија. Иако беше изненадување преминот на Хасани во амбициозен клуб од Германија, сепак се очекуваше да игра малку повеќе од четири натпревари. Можеби премлад дојде во Германија, но Хасани подоцна го покажа својот квалитет во Брондби и Шкендија. Сепак, во таа сезона 2012/13 немаше место за Хасани во дресот на „зелените“ од Волфсбург. Слична епизода имаше и Валмир Нафиу, кој од Базел во 2012 година му пристапи на поранешниот европски првак Хамбургер. По неколку настапи во вториот тим на Хамбургер, младиот Нафиу дебитираше за првата екипа и одигра девет натпревари. Младиот напаѓач ги мина сите младински категории на македонската репрезентација, но не се разви на ниво да го носи дресот на Хамбургер и најдобрата национална репрезентација. 

По неколку сезони минати во дресот на младинските категории, најмладиот напаѓач кој дебитирал за националниот тим, Дарко Чурлинов се проби до најдобриот тим на Келн. Стрпливо чекаше шанса, дури и заигра во Бундеслигата есента 2019 година. Сепак, во зимскиот преоден рок доби понуда од Штутгарт и се пресели во втората Бундеслига во потрага по поголема минутажа. Сепак, наместо во Штутгарт ова момче пронајде простор во Шалке 04, клуб кому му помогна да се врати во елитната категорија. Сега е зрел за Штутгарт и мина одлични подготовки. Блесна на пријателскиот натпревар против Валенсија, а постигна гол и против Динамо Дрезден во Купот на Германија. Токму ова младо момче е македонската надеж дека оваа низа ќе продолжи и на повеќе од дваесетина имиња.

Многу други македонски фудбалери играле со значителен успех во пониските категории, посебно во вториот ранг на шампионатот на Германија. Васил Рингов одигра само четири натпревари на крајот на кариерата за Ајнтрахт Брауншвајг, а Ванчо Мицевски во сезоната 1998/99 со успех го носеше дресот на Унион Берлин. Се менуваа уште неколку македонски фудбалери во пониските категории, заиграа и Стојановиќ, Момировски, Ѓорѓиев, Штерјовски... Начинот на кој се игра во Германија е прилагодлив за македонските фудбалери, но само за оние кои се спремни за жртвување, за игра во два правци и приспособливи за тимска игра. Оваа генерација на националната репрезентација има многу фудбалери кои можат да играат во Германија и кои можат да ја отворат вратата за да имаме повеќе интернационалци во земјата на четирикратниот светски првак.