Може ли Чиле до хет-трик на титули на Копа Америка?

Супер-изедначено делува групата Ц на Копа Америка. Два поранешни шампиони, вклучувајќи го актуелниот, и првакот на Азија се добра најава за компетитивност. Чиле има тешка мисија третпат по ред да го освои турнирот, а Уругвај да им побегне на комшиите од Аргентина на вечната листа.  

Чиле:
Со голем дел од ростерот на Самполи и Пици, освојувачи на последните две изданија на Копа Америка, и новиот чилеански селектор Реиналдо Руеда ќе се претстави во Бразил. Иако преку 30 години главни ѕвезди се Алексис Санчез и Артуро Видал, а поддршка ќе имаат од Босежур и Варгас. Ново име е дефанзивецот Марипан од Џирона и напаѓачот Кастиљо.

Јапонија:
Осминафиналистот од последното Светско првенство, селекцијата на Јапонија, доаѓа во скоро најсилниот состав и без голем притисок со оглед на фактот што е гостин на турнирот. Ѕвездите Минамино, Осако, Оказаки и Ватанабе се пријавени за турнирот, но нема да настапи Кагава од Бешикташ.

Уругвај:
Рутинерите на Оскар Табарез се веројатно најискусната селекција на турнирот. Селекторот им е повеќе од една деценија на клупата, костурот кој го сочинуваат Муслера, Годин, Кавани и Суарез пак ќе биде присутен на еден голем собир. Бентакур веќе се вклопи во средниот ред, а изненадување може да бидат Нандез од Бока, Валверде од Реал Мадрид и Тореира од Арсенал.

Еквадор:
Нешто подмладена, но селекција без големи очекувања на Копа Америка. Еквадорците не блескаа во квалификациите за Светското првенство во Русија, а пласманот во полуфиналето на Мундијалито во Полска годинава е единствената добра вест за иднината на фудбалот во оваа земја.

Меѓу Јапонија, Чиле и Уругвај ќе се решаваат патниците во следната фаза, а според системот на натпреварување нема да биде изненадување сите три репрезентации да се квалификуваат во нокаут фазата.