• Мартин Танасковски
Необична и неверојатна ситуација ја одбележа завршницата од регуларниот дел во холандската втора лига, каде што системот на натпреварување повторно се најде под жестоки критики поради своите нелогичности. Во последното коло од Ерсте Дивизие, екипата на Ден Бош успеа да избори пласман во плеј-офот за влез во елитата, иако го загуби својот натпревар. Токму поразот беше неопходен услов за да остане во игра за доигрување.
Според правилата на натпреварувањето, плеј-офот не го обезбедуваат најдобрите осум екипи на табелата. Наместо тоа, четири места им припаѓаат на највисоко пласираните тимови, додека останатите четири се распределуваат на екипи кои биле најуспешни во одредени делови од сезоната, т.н. периоди. Овој систем често создава необични пресметки и калкулации во финишот.
Во конкретниот случај, Ден Бош беше деветтопласиран, но имаше реални шанси за плеј-оф поради фактот што резервниот тим на Јонг ПСВ, кој беше пред нив на табелата, нема право на учество во доигрувањето. За да се отвори патот, требаше да се исполнат неколку услови: Ден Хаг да победи, а Витесе да не стигне до три бода. Судбината сакаше Ден Бош токму во последното коло да игра против Ден Хаг. Наместо да се бори за победа, исходот од другите натпревари направи поразот да биде посакуван резултат. Ден Хаг славеше со 3-1, додека Витесе не успеа да победи на гостувањето кај Камбур, што значеше дека сите услови се исполнети.
На крајот, Ден Бош се најде меѓу учесниците во плеј-офот, иако загуби, што предизвика неверување кај јавноста и отвори нови прашања за оправданоста на ваквиот систем. Уште повеќе чудно беше што навивачите на Ден Бош ги славеа сите голови на ривалот како да се нивни...
