• Саше Љолес
Јавноста повторно зборува за лошите изданија на Килиан Мбапе во дресот на Реал Мадрид. Откако пристигна кај „кралевите“, Французинот се мачи да ја пронајде вистинската форма, а тоа се потврди и со промашениот пенал на натпреварот во Лигата на шампионите.
Познатиот шпански новинар и фан на Реал, Томас Ринкеро, со остар тон ја коментираше играта на Мбапе, велејќи дека тој има силен притисок од големината на дресот за кој настапува, но во исто време очекува тоа набргу да се смени во позитивна насока.
„Му треба уште време, тоа е очигледно. Не сакам да го „убијам“ зашто ќе ни биде потребен, но тоа го кажувам во шеговита смисла. Има силен притисок од големината на дресот. Мислам дека тоа е причината.
Кога ќе го извади проблемот од главата, тогаш ќе блесне во сиот сјај и ќе ја има формата од настапите во Франција. Не треба да го бркаме Мбапе, треба да го спасиме и да му дадеме шанса“, изјави Ринкеро.
Францускиот голгетер досега постигна осум гола во дресот на Реал Мадрид, но ни од далеку не е во одличната форма што ја имаше минатата сезона.