ВИДЕО: Mопеј го „потопи“ Њукасл за премиерни бодови на Брајтон во Премиер

Ако во првото коло со победата на гости кај Вест Хем најави успешна сезона, денес Њукасл им го приреди првото разочарување на своите фанови, откако на „Сент Џејм Парк“ одигра натпревар далеку под очекувањата и заслужено загуби од Брајтон со 0-3.

  • Извештај од натпреварот:

Момците на Стив Брус не успеаја на терен да ја потврдат фаворитската улога против „галебите“, а најголем виновник за тоа е одличниот француски офанзивец Mопеј, кој за само три минути ги сруши сите планови на „страчките“. 

Во четвртата минута по прецизно изведен удар од единаесет метри 25-годишниот Французин го отвори натпреварот, а веќе во следниот напад по една одлична тимска акција донесе сигурни 0-2 за својот тим. 

На Њукасл долго време му требаше да се соземе од почетниот шок, но во периодот кога ја презеде иницијативата Брајтон знаеше како да се одбрани и не дозволи така лесно да го испушти заслуженото водство. Како одминуваше натпреварот, така растеше нервозата во домашниот табор, а гостите го искористија тоа во 83. минута, кога Коноли ги постави конечните 0-3.

За Брајтон ова беше прв овосезонски триумф во Премиер лигата, откако во првото коло беше поразен од Челзи (1-3), додека во следното коло нови бодови ќе брка против Манчестер Јунајтед. Њукасл пак на победничките патеки ќе проба да им се врати против Тотенхем, кој денес со 5-2 го совлада Саутемптон.