• Горан Упале
Фудбалерите на Ривер Плата ја добија првата овосезонска битка против најголемиот ривал Бока Јуниорс во аргентинскиот шампионат. Во рамките на 15. коло „Монументал“ се тресеше, а домашниот тим славеше со минимални 2-1 (2-1).
- Извештај од натпреварот:
Сите голови на дербито беа постигнати во првото полувреме. Резултатот го отвори Франко Мастантуоно со чудесен гол од слободен удар во 26. минута. Со тоа големата надеж на Ривер испиша клупска историја и со 17 години стана најмладиот стрелец на натпревар против лутиот ривал.
Тринаесет минути подоцна Мигел Мерентиел израмни на 1-1, но Ривер експресно ја врати предноста на своја страна и Себастијан Дриуси во 45. минута стрелаше за конечни 2-1.
И покрај поразот Бока останува лидер во групата А, додека Ривер со вечерашните три бода направи скок и сега е на третото место во групата Б.