ВИДЕО: „Монументал“ гореше, Ривер упати 35 удари – ама Атлетико Минеиро ќе игра финале во КЛ!

Фудбалерите на Атлетико Минеиро се првите финалисти на овогодинешниот Копа Либертадорес, бидејќи ја сочуваа предноста од натпреварот на свој терен (3-0) и на преполниот „Монументал“, иако во спектакуларна атмосфера, одиграа без голови против Ривер Плата.

Аргентинскиот тим бркаше негатива од три гола, домашните навивачи направија прекрасна атмосфера верувајќи во кам-бек и пресврт, но тоа не се случи, иако фудбалерите на Ривер упатија дури 35 удари кон противничкиот гол. 

  • Извештај од натпреварот:

Четата на Марсело Гаљардо, кој на Ривер веќе му донесе два трофеи во ова натпреварување во 2015 и 2018 година, тргна на сè или ништо од самиот почеток. Сепак, тимот предводен од поранешниот ас на Барселона Габриел Милито успеа да ја зачува предноста и сега има можност по вторпат да стане континентален шампион, по 2013 година.

Во финалето Атлетико го чека подобриот од дуелот Пењарол - Ботафого кои реваншот го играат вечерва. Извесно е дека тоа ќе биде Ботафого, кој во првиот меч како домаќин победи со 5-0.