ВИДЕО: Монпелје слави на „Олимпик парк“, Лион падна под ПСЖ

Фудбалерите на Монпелје победија на тешкото гостување на „Олимпик парк“ кај Лион (1-2), во дуел од 25. коло на француската Лига 1. Екипата на Руди Гарсија со овој пораз му ја препушти првата позицијата на ПСЖ, кој барем до утре ќе биде лидер, а во случај на победа на Лил кај Брест, ќе остане втор, пред Лион. 

  • Извештај од натпреварот: 

Резултатот го отвори Теи Савание, по проигрување од Делорт, со одличен скок и одмерен удар со глава донесе 0-1 во 20. минута. По неколку шанси пред двата гола, во судиското продолжение на првиот дел Лукас Пакета успеа да донесе израмнување за Лион. Бразилецот искористи одбиена топка и ја смести во мрежата за 1-1 на пауза. 

Гостинската екипа во второто полувреме одново успеа да поведе. Стрелец на погодокот беше резервистот Елие Вахи, кој слично како Пакета искористи одбиена топка (1-2). Лион беше на потег, се обиде да наметне темпо и да прави шанси, а најдобрата ја испушти Токо Екамби. Сепак, домашната екипа мораше да се помири со поразот, бидејќи не успеа да го скрши отпорот на дефанзивната линија на Монпелје.