ВИДЕО: Монпелје му „откина“ два планирани бода на лидерот Лил!

Фудбалерите на Лил и Монпелје го поделија пленот на „Пјер Моруа“ (1-1), во воведната средба од 33. коло во француската Лига 1. Гостите му „откинаа“ два веќе планирани бодови на лидерот, со што им направија услуга на ПСЖ и Лион, кои се во трка со Лил за титулата во Франција. 

  • Извештај од натпреварот: 

Натпреварот тргна жестоко, двете екипи имаа шанса да погодат уште во воведните минути. Савание изнуди одлична одбрана од Маигнан за Монпелје, а Бурак Јилмаз со глава биеше до голот за Лил. Домаќинот можеше да поведе и преку Иконе, кој од добра позиција биеше млако по средината. Казната за тоа стигна во 21. минута. 

Енди Делорт со глава го матира Маигнан по прецизен центаршут на Лаборд, за 0-1 и изненадување за Лил. Домашните мораа да притиснат и веднаш тргнаа по израмнување. Шансите се редеа, а Веа, Андре и Бамба не успеваа да го пронајдат патот до мрежата на гостите. 

Израмнувањето беше дело на Луис Араухо кој во 85. минута погоди по проигрување од Челик, за 1-1 во завршницата. Лил имаше шанса и да победи, искусниот Јилмаз можеше да реализира, но голманот Омлин го спречи неговиот шут во шестата минута од надополнувањето.