Монако, Лион и Олимпик Марсеј ќе ја рушат хегемонијата на ПСЖ во францускиот фудбал

ПСЖ шампион

Екипата на ПСЖ ја заврши минатата сезона на првата позиција во француската Лига 1 со 13 бода предност пред второпласираниот Монако и титула ја осигура на пет натпревари до крајот. Тимот на Унаи Емери имаше најдобар напад (108 постигнати гола) и најдобра одбрана (29 примени гола), а во своите редови го имаше и најдобриот стрелец, Единсон Кавани (28 гола).

Единствени промени во тимот од Париз ова лето се голманот Џанлуиџи Буфон и тренерот Томас Тухел, кој го замени Шпанецот и ќе ја има задачата да ја продолжи доминацијата. Стартот на новата сезона, во кој ПСЖ го декласира Монако со 4-0 во Суперкупот, најавува досадно првенство и слична епизода како и минатата година. Нејмар и Килиан Мбапе одиграа солидно на Мундијалот и се подготвени да го однесат својот тим на врвот не само во Франција, туку и во Европа, каде ќе го бркаат достигнувањето на Реал Мадрид од претходните три сезони.

Сериозни закани за бранителот на титулата ќе дојдат и од Лион и Олимпик Марсеј, кои се засилија со надеж дека ќе бидат конкурентни во директниот дуел со фаворитот.

Во текот на летото се случија неколку промени на тренерите во францускиот шампионат, а најзабележителна е онаа во Нант, каде отказ заработи Клаудио Раниери. Патрик Виеира, поранешниот фудбалер на Арсенал и живата легенда на францускиот фудбал, го очекува тренерското деби во Ница.

Покрај Буфон, уште еден трансфер го привлече вниманието на јавноста, а тоа е доаѓањето на Александр Головин во редовите на Монако. Русинот беше награден за добрите игри на Светското првенство и од новата сезона ќе добие шанса во екипата предводена од Леонардо Жардим. 

Новајлии во новата сезона ќе бидат Ремс и Ним, а ранг подолу испаднаа Троја и Мец. Обложувалниците немаат дилема околу фаворитот за титулата и само се очекува да постават граница на разлика која фудбалерите на Тухел ќе ја имаат пред вицешампионот.