Монако го доби дербито со Лион и се чекираше во Лигата на шампионите! 

На едно коло до крајот на сезоната во француската фудбалска елита екипата на Монако се „чекира“ во Лигата на шампионите. Клубот од кнежевството вечерва го доби дербито со Лион (2-0) и математички обезбеди учество во елитното натпреварување на УЕФА во следната сезона. 

А, на која позиција ќе ја заврши сезоната ќе се знае по крајот на последното коло, затоа што е во тесна трка со големиот ривал Олимпик Марсеј. Победата на Монако вечерва ја обезбедија Минамино и Закарија со голови во второто полувреме.

Голема победа забележа Олимпик Марсеј на гостувањето кај Авр со 1-3 (0-0). Овој натпревар немаше голови по првиот дел, потоа гостите поведоа преку Гури и домашните навивачи предизвикаа прекин. Откако средбата продолжи следуваше израмнувачки гол на Сумаре, но во завршницата стрелаа Гринвуд и повторно Гури за победа на гигантот од Азурниот брег.

Во битката за квалификации за Лигата на шампионите и Ница и Лил запишаа порази од по 0-2. Подобар од Ница беше Рен, додека Лил загуби на гостувањето кај Брест. Двете екипи имаат по 57 бода, колку што има и Стразбур, а во предност е Ница, поради подобрата гол-разлика.

Во последното коло интересно ќе биде и во борбата за опстанок. Анже со триумфот над Стразбур и математички обезбеди прволигашки статус, додека во игра за испаѓање остануваат Ремс, Нант, Авр и Сент-Етјен.