Монако го брка од клубот, неславен крај на кариерата за Пол Погба?

Пол Погба повторно се соочува со неизвесна иднина, откако Монако донел одлука да ја прекине соработката со францускиот фудбалер поради новата повреда.

Погба минатото лето пристигна во клубот како слободен играч и потпиша договор до јуни 2027 година. Сепак, неговиот период во Монако беше далеку од идеален. Поради честите повреди, за тимот одигра само шест официјални натпревари, со вкупно 115 минути на теренот.

Според француските медиуми, 33-годишниот играч заработил нова мускулна повреда за време на подготовките. Ова лето одигра само еден пријателски натпревар. 

Доколку Монако навистина го раскине договорот, Погба повторно ќе остане без клуб. Тоа отвора големо прашање - дали Французинот ќе продолжи да игра фудбал или ќе реши да стави крај на кариерата?

Погба своевремено беше меѓу најдобрите играчи за врска во светот. Во првиот мандат во Јувентус одигра 190 натпревари, додека за Манчестер Јунајтед запиша 233 настапи. Неговата кариера, сепак, во последните години ја одбележаа серија повреди и суспензија поради позитивен допинг-тест.