• Мартин Танасковски
Хартс е на чекор до една од најсензационалните титули во модерната историја на шкотскиот фудбал. По цели 41 година, можно е шампион на Шкотска Премиер лига да не биде ниту Селтик ниту Ренџерс.
Последен клуб надвор од „Олд Фирм“ што ја освоил титулата бил Абердин на легендарниот Сер Алекс Фергусон во 1985 година. Сега, четири децении подоцна, Хартс од Единбург има историска шанса да го прекине монополот на клубовите од Глазгов. Голема заслуга за тоа има сопственикот Тони Блум, човекот кој претходно успеа да му донесе титула на Ројал Унион Сен Жилоаз по 90 години чекање. Со паметен скаутинг и внимателно градење на тимот, Блум успеа да создаде конкурентен состав без огромни инвестиции.
Минатата недела Хартс во драматичен меч ги победи Ренџерс и практично ги исфрли од трката за титулата, создавајќи седум бодови предност. Дополнителна тежина има и фактот што Хартс има подобра гол-разлика од Селтик (+5), а распоредот до крајот им оди во прилог. Во последните кола ги очекуваат дуели со Мадервел и Фалкирк, додека Селтик мора да игра и нов Олд Фирм против Ренџерс.
Постои дури и сценарио Хартс да ја обезбеди титулата уште пред директниот дуел со Селтик во последното коло на „Селтик Парк“. Во Шкотска веќе се зборува дека ова би бил најголемиот шампионски подвиг уште од ерата на Фергусон во Абердин. Дури и легендарниот Енди Мареј, познат како страствен навивач на Хиберниан, призна дека за шкотскиот фудбал би било огромно освежување Хартс да ја освои титулата.
Со децении, лигата беше предвидлива и доминирана од двата гиганти од Глазгов. Од средината на осумдесеттите само четири пати некој друг клуб успеал да се вмеша меѓу нив на врвот. Затоа актуелната сезона веќе се смета за историска, а Хартс е на само неколку чекори од рушење на едно од најдолгите фудбалски чекања во Европа.



