Момчето за кое зборува цела Европа: Мурињо ми го разубави денот, па дури и животот!

Момчето кое „асистираше“ за погодок на Тотенхем на натпреварот против Олимпијакос во Лигата на шампионите, сè уште е главна тема кај англиските медиуми. 

15-годишниот Калум кој беше задолжен за собирање на топките, при една акција на „петлите“ реагираше брзо и му помогна на својот тим да ја продолжи акција, а потоа и да постигне гол, по што доби пофалби и благодарност од новиот менаџер на тимот Жозе Мурињо. 

„Сакам интелигентни деца кои се задолжени за собирање на топките, и јас го работев тоа. Бев брилијантен во тоа, а ова момче исто така е одлично. Ја чита добро играта, ја разбира и затоа асистираше. Се обидов да го повикам да прослави со нас во соблекувалната, но побегна некаде“, изјави Мурињо по дуелот со Олимпијакос

Калум сигурно цел сvoj живот ќе го памети овој натпревар, а за потегот на Мурињо вели дека сè уште не може да поверува што се случи. 

„Јас само си ја работев работата, можеби звучи смешно. Сè уште не можам да поверувам што се случи. Интересно е тоа што не го ни видов голот, бидејќи „бркав“ друга топка. Слушнав славје, се свртев и го видов Хери Кејн како прославува. Потоа на екранот видов што се случило. По мојата насмевка, можете да заклучите дека сето тоа беше неверојатно. И Жозе ми го разубави денот, па дури и животот. Ова е момент што нема никогаш да го заборавам“, рече Калум.

На натпреварот во Лондон, Тотенхем имаше негатива од 0-2, но успеа да се врати во игра и да слави победа од сигурни 4-2.