Момче ја продаде највредната „играчка“ за да дојде во Рио: Бока е живот, Бока е лудница!

Епското финале на „Маракана“ сè уште е меѓу главните фудбалски теми овие денови. Дуелот меѓу Бока Јуниорс и Флуминенсе, сам по себе беше вистински фудбалски спектакл, но во фокусот на јавноста се и многуте неверојатни приказни на аргентинските фанови кои откриваат низ што сè минале за да дојдат во Рио.

Пред неколку седмици пишувавме за тврдокорниот навивач кој тргна пеш од Аргентина до Бразил, а по финалето хит стана едно момче, кое што објасни како тој и неговиот татко успеале да стигнат до Рио, но не и до билет за дуелот на „Маракана“. Младиот фан на Бока ја продаде својата највредна играчка, плејстејшнот, додека неговиот татко останал без мотоциклот. Сето тоа поради љубов кон својот омилен клуб.

„Тато го продаде својот мотоцикл, а јас го продадов мојот плејстејшн за да дојдеме во Рио на финалето. А воопшто немаме билети. Зошто? Па тоа е Бока, а Бока е лудница“, изјави момчето пред камерите.

Според бразилските медиуми во Рио имало преку 100.000 навивачи на Бока, а билети имале само 20.000. Тоа е таа љубов, која што ниту еден друг клуб во светот не може да ја почувствува од своите фанови.