• Саше Љолес
Женската репрезентација на Македонија стигна до втор триумф во квалификациите за Европското првенство и славеше со убедливи 2-4 (1-3) на гостувањето кај селекцијата на Молдавија.
Нашите девојки одиграа повеќе од солидно прво полувреме и најавија дека ќе се обидат со сите сили да дојдат до целиот плен на ова гостување. Македонките поведоа со 0-1 уште во втората минута со авто-голот на Бадичеану, а потоа на 1-1 израмни Каролина Табур во 22. минута од мечот. До крајот на првото полувреме, нашата селекција успеа да постигне уште два гола преку Наташа Андонова од пенал и Ленче Андреевска, која во 43. минута го постави резултатот на паузата, 1-3.
Вторите 45 минути започнаа со две солидни шанси за Македонија, но не успеавме да реализираме и доста рано да ја решиме дилемата околу победникот. Молдавија успеа да внесе неизвесност со голот на Јулиана Колник во 59. минута, но потоа на сцената стапи феноменалната Андонова, која постигна прекрасен погодок од слободен удар во 75. минута.
Фудбалерката на Леванте биеше од дваесет метри и со помош на стативата ја совлада домашната голманка Панова, поставувајќи ги конечните 2-4 на овој натпревар. Вреди да се истакне дека имавме уште неколку добри шанси за поубедлив резултат, но Максути и Андонова не успеаја барем уште еднаш да ја затресат домашната мрежа.
Македонија со оваа победа има седум бода и останува на втората позиција во втората квалификациска група, веднаш зад лидерот Словенија. Следниот предизвик за нашите девојки ќе биде мечот против Летонија, кој ќе се одигра во Скопје на 12 јули годинава.



