• Саше Љолес
Екипата на Фиорентина со пресврт славеше со 2-1 (0-1) над Лацио во 26.коло од италијанската Серија А и сосема заслужено се радуваше на нови три бода пред своите навивачи на „Артемио Франки“ во Фиренца. Избраниците на Винченцо Италијано беа многу подобар ривал и можеа уште поубедливо да го затворат мечот во своја полза.
- Извештај од натпреарот:
Фиорентина започна одлично и бргу почна да му создава проблеми на ривалот. Домашните притиснаа силно по голот на Проведел и имаа неколку солидни прилики, но гостите имаа многу среќа и во последната минута од првиот дел дојдоа до водство преку Луис Алберто. Лацио само еднаш шутна кон домашниот гол, но на паузата замина со минимална предност од 0-1.
Стартот на второто полувреме донесе „експлозија“ на домашниот тим. Фиорентина започна да го наттрчува Лацио на сите позиции и редеше шанси како на филмска лента, по што дојде и големата радост за навивачите. Најпрво дефанзивецот Кајоде израмни на 1-1 во 61. минута, а набргу потоа „виолетовите“ се изборија за пенал преку Андреа Белоти, но Нико Гонзалез ја погоди стативата и Лацио можеше да здивне барем за момент.
Ова беше четврти удар во диреците на гостинскиот гол, а домашните играчи вкупно 19 пати се обидоа да го совладаат Проведел. Фиорентина делуваше како „дрим-тим“ и одигра одлиично во офанзива, а наградата пристигна во 69. минута кога Џакомо Бонавентура го донесе пресвртот и првото водство на натпреварот за домашниот тим. Во следните минути темпото малку опадна, Лацио се бореше на средината од теренот, но не успеваше да дојде до израмнување.
Фиорентина сосема заслужено на крајот славеше со конечни 2-1 и стигна до дванаесеттиот сезонски триумф. „Виолетовите“ сега имаат 41 бод и го минаа Лацио на седмата позиција на табелата, а во следното коло ќе гостуваат кај тимот на Торино.