ВИДЕО: Моќна Барселона со Атлетико, за бегство на врвот во Шпанија!

Барселона на „Камп Ноу“ забележа значајна победа од 3-1 против Атлетико Мадрид, во големото дерби од 19. коло на шпанската Ла Лига. Натпреварот донесе висок ритам, многу шанси и драматични моменти, а избраниците на Ханси Флик успеаја да го свртат резултатот по раното водство на гостите.

  • Извештај од натпреварот:

Атлетико беше тимот што прв стигна до гол. Во 19. минута одбраната на Барселона повторно беше поставена високо, што им овозможи простор на гостите. Алек Баена доби прецизна долга топка, излезе сам пред голманот Жоан Гарсија и рутински погоди за водство од 1-0. Овој момент накратко ја замолкна публиката во Барселона, но истовремено ги вклучи домашните играчи во повисок степен на агресија.

Само седум минути подоцна, во 26. минута, Барселона успеа да израмни. Педри испрати совршена топка во простор кон Рафинја, кој го заобиколи Јан Облак и од тешка позиција ја погоди мрежата за 1-1. И по израмнувањето, Каталонците продолжија да напаѓаат, создавајќи серија опасни акции. Најголемата шанса за пресврт во првиот дел дојде во 37. минута. Дани Олмо беше фаулиран во казнениот простор, а судијата веднаш покажа на белата точка. Одговорноста ја презеде Роберт Левандовски, но полскиот напаѓач ја испрати топката високо над голот. Само неколку моменти подоцна тој имаше шанса да се исправи, но Облак со фантастична одбрана го спречи неговиот удар со глава.

Вториот дел почна во ист ритам. Ламин Јамал во првите минути од продолжението мајсторски го пронајде Рафинја, но Бразилецот не успеа точно да финишира. На спротивната страна, Атлетико веднаш возврати преку брза контра, но ударот на Симеоне беше преслаб. Пресвртот конечно стигна во 65. минута. Левандовски и Олмо извонредно комбинираа, а шпанскиот репрезентативец остана сам пред Облак и прецизно го совлада за 2-1. Сепак, радоста на Олмо кратко траеше – само неколку секунди по голот незгодно се приземји и мораше да го напушти теренот поради повреда.

Атлетико доби огромна шанса да се врати во натпреварот во 79. минута. Алмада со серија дриблинзи ја помина одбраната на Барселона, но кога требаше да ја испрати топката во празната мрежа, очајно шутираше покрај голот. Длабоко во судиското продолжение, во 97. минута, казната пристигна. Барселона изведе брза акција, а Феран Торес со смирен удар ја запечати победата од 3-1, на големо задоволство на домашните навивачи.

Со овие три бода, Барселона останува прва на табелата со 37 бодови. Тимот има четири бодови повеќе, но и натпревар повеќе од Реал Мадрид, кој утре гостува кај Атлетик Билбао. Атлетико Мадрид, пак, со 31 освоен бод по 15 одиграни натпревари останува на четвртата позиција, но пропушти шанса да се приклучи кон водечкиот врв.

Состави

Ханси Флик

4-3-3

    Диего Симеоне

    4-2-3-1