• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Аталанта конечно стигнаа до првата победа во новата сезона од Серија А, откако на домашен терен убедливо го совладаа Лече со 4-1. Иако резултатот на крајот делува убедливо, домашните се мачеа во првото полувреме, каде што гостите од Лече умешно го затворија просторот и ја одржуваа рамнотежата на теренот.
Клучниот момент дојде во 37. минута, кога Скаловини успеа да го пробие бедемот на Лече и по одлично изведен корнер од Залевски донесе водство од 1-0. Овој погодок внесе дополнителна сигурност кај домаќините, кои во второто полувреме целосно ја презедоа контролата врз играта. Само шест минути по паузата, во 51. минута, по додавање на Крстовиќ, Де Кетеларе ја удвои предноста.
До 70. минута веќе беше јасно кој ќе ги освои бодовите – Залевски се запиша меѓу стрелците, а Крстовиќ ја запиша својата втора асистенција. Три минути подоцна, во 73. минута, Де Кетеларе повторно беше прецизен и ги постави убедливите 4-0. Гостите сепак успеаја да го ублажат поразот, откако Ндри во 82. минута постигна гол за конечни 4-1.
Покрај убедливата победа на Аталанта, се одигра и натпреварот помеѓу Пиза и Удинезе, каде гостите од Удине ја запишаа својата втора победа сезонава. Со минимални 0-1 тие ги освоија бодовите благодарение на голот на Браво уште во 14. минута од натпреварот. Со оваа победа, Удинезе по три кола има два триумфи и продолжува да чекори со сигурен ритам кон горниот дел на табелата.

