Мојсов: Не го покажавме својот максимум, одиме во Исланд по победа!

Фудбалерите на Тиквеш направија херојски пресврт во историскиот натпревар на европската сцена. Кавадарчани губеа со 0-2 против Бреидаблик, а потоа со три гола во финишот направија пресврт (3-2). 

По големата победа на средбата со новинарите зборуваше тренерот Ѓорѓи Мојсов. Тој нагласи борба и напад на позитивен резултат и на гостувањето на Исланд. 

„Им кажав на играчите на полувреме дека ќе биде жално ако не се обидеме да се вратиме. Притисокот дека првпат играме во Европа беше тука. На крајот успеавме, а не е мала работа да се вратиш од 0-2 против екипа која редовно е дел од врвот на фудбалот во Исланд. Во вториот дел видовме дека сме поквалитетни, успеавме да направиме голем пресврт. Покажавме само 50% од своите можности, но презадоволен сум од победата. Промашувањата се дел од фудбалот, никогаш не можам да замерам за тоа на фудбалерите. 

Одиме во Исланд за да победиме, нема да се браниме. Ќе дадеме сè од себе за да одиме во следната фаза. Среќни сме што имавме поддршка од навивачката група „Лозари“ која секогаш е зад нас. Благодарност до нив за сè што прават за нас“, изјави Мојсов. 

Реванш натпреварот се игра следниот четврток во терминот од 21:15 часот во Копавогур.