Мојсов: АЕК Ларнака засекогаш ќе остане дел од мене

Македонскиот интернационалец Даниел Мојсов од следната сезона ќе има нов клуб, затоа што ја заврши долгата авантура во кипарска АЕК Ларнака. По пет и пол години стоперот се раздели со кипрани, а беше испратен од Иван Тричковски и Стефан Спировски кои остануваат и понатаму дел од колективот.

Мојсов по разделбата посочи дека е горд на постигнатите успеси со АЕК Ларнака, а жали само затоа што не го освоил првенството на Кипар, ама верува дека со оваа работа, тој успех ќе дојде во наредниот период.

„АЕК Ларнака е прекрасен клуб со прекрасни луѓе, прекрасни раководители, стручен штаб и играчи. Секој си ја работи задачата најдобро што знае и беше привилегија да се биде дел од тимот цели пет и пол години. Си заминувам од Ларнака, ама зад себе оставам многу успешен период: Куп-титула, Суперкуп, како и сонот да играм во групната фаза на Лига Европа. Само едно нешто ми недостасува, тоа е првенството, ама верувам дека во следните години АЕК Ларнака ќе биде шампион. Можам да редам уште многу работи, но сакам од срце да се заблагодарам за се, затоа што сите станаа дел од моето срце“, изјави Мојсов.

Кавадарчанецот кој има 33 години од денес е слободен агент, па ќе бара нов клуб. Некогашниот репрезентативец на Македонија (39 настапи) покрај за АЕК Ларнака во кариерата играше и за Адана Демирспор, Лирс, Бран, Војводина, Вардар, Македонија ЃП и Тиквеш.