Мојс: Среќен сум што се вратив дома, во Вест Хем имам недовршена работа

Пред два дена падна уште една менаџерска „глава“ во Премиер лигата, откако по серијата неуспеси без работа остана Мануел Пелегрини. Раководството на Вест Хем Јунајтед веднаш ја најде замената за искусниот Чилеанец и синоќа го претстави Дејвид Мојс за нов менаџер на тимот. 

Поранешниот предводник на Евертон и Манчестер Јунајтед по потпишувањето на договорот не го криеше своето задоволство што ќе ги води „чеканите“ во пролетниот дел од сезоната. 

„Горд сум што повторно сум дел од Вест Хем. Ова е неверојатен клуб, тука се чувствувам како дома. Но, во овој момент тоа не е важно. Веднаш се фаќам за работа, бидејќи мораме да ги подобриме резултатите. Во овој клуб имам недовршена работа“, рече Мојс.

За Шкотланѓанецот ова е враќање во редовите на лондончани, откако пред две години во речиси идентичен период седна на жешкото столче на „чеканите“ и успеа да обезбеди опстанок во Премиер лигата. Но, тогаш не го продолжи договорот и неговото место го зазеде Пелегрини.