Модриќ: Конечно ја победивме Франција, ама ова темпо е ненормално и нехумано

Лука Модриќ беше творец на победата на Хрватска на гостувањето кај Франција на „Стад де Франс“ од 0-1. Играчот на Реал Мадрид од белата точка донесе предност која неговите колеги успеаја да ја одбранат, за победа над светскиот првак по долго време. Самиот Модриќ по дуелот го изрази задоволството за резултатот, меѓутоа упати и остри критики до календарот. 

„Конечно ја победивме Франција по десет натпревари. Среќни сме, по прикажаното во првиот дел беше и заслужено. Тие ни беа „црна мачка“, секогаш им бевме близу, игравме добро, но не победувавме. Овој резултат ни значи, секој натпревар за репрезентацијата е важен. 

Навистина ми пречи овој термин и пренатрупаноста на натпреварите. По ваква сезона, ние игравме четири средби во десет дена, тоа е нехумано и ненормално. Сега конечно можеме да одмориме“, изјави Модриќ.

Со триумфот во Париз, Хрватите ја исфрлија Франција од трката за првото место во групата. Сега „коцкестите“ останаа единствен предизвикувач на Данска во битката за пласман во плеј-офот.