„Многумина ќе се запрашаат зошто понудивме сценарио без испаѓање, причината е...“

Раководството на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во „Куќа на фудбалот“ одржа состанок со претставници на клубовите од ПМФЛ. На средбата присуствуваа и претставници од Институтот за јавно здравје, предводени од епидемиологот д-р Жарко Караџоски.

Првиот дел од состанокот беше посветен на план на мерки и процедури за продолжување на тренажниот процес и одигрување на натпревари без присуство на публика изработен од страна на Фудбалската федерација на Македонија на барање на здравствените институции.

Финалната верзија на тaканаречениот здравствен протокол ќе претрпе незначителни промени откако претставниците на Институтот за јавно здравје се сложија со одредени предлози на клубовите за започнување на тренинзите и одигрување на натпреварите. Епидемиологот, д-р Жарко Караџоски ги изнесе условите како клубовите епидемиолошки да го продолжат својот процес на работење, со напомена дека протоколот на државата безусловно мора да се почитува.

Додека во вториот дел беа претставени трите сценарија за завршување на сезоната во ПМФЛ.

<<< ПОВРЗАНО - ФФМ предложи три сценарија за крај на ПМФЛ, на ред е мислењето на прволигашите

„Како натпреварувачка комисија на ФФМ го претставивме нашиот план и трите можни сценарија за евентуално продолжување на првенството од ПМФЛ во поинаков формат од предвидениот. Сметам дека е сосема јасно првото можно решение, со испаѓање на два тима по завршување на понудениот формат.  

Веројатно многумина ќе се запрашаат во делот од второто сценарио каде системот на натпреварување исто така содржи плеј-оф и плеј-аут фаза, но без испаѓање. Тоа го правиме од причина што во Куп натпреварувањето имаме екипи кои би можеле да се најдат во делот од плеј-аут фазата и заради одржување на натпреварувачки ритам би одиграле само три натпревари наместо предвидените шест. Календарот на натпревари ќе го усогласиме во зависност од мерките кои ќе важат на ниво на држава, но секако и од одлуката на Фудбалската федерација на Македонија за конечно решение за завршување на натпреварувачката сезона“, изјави Игор Франговски, претседател на Комисијата за натпреварување во ФФМ. 

Клубовите ќе треба да се изјаснат за едно од трите понудени сценарија, а одлуката за првенството од ПМФЛ ќе ја донесе Фудбалската федерација на Македонија.