ВИДЕО: Многу борба, малку возбудувања – Реал и Атлетико одиграа дерби за заборав!

Градските ривали Реал и Атлетико Мадрид не го искористија киксот на Барселона и во големото дерби на шпанскиот фудбал одиграа натпревар за заборав, без многу возбудувања и без погодок (0-0). Со оваа поделба на бодовите само „кралевите“ профитираа на табелата во Примера и сега со 14 бода се на делба на лидерската позиција со Барселона, додека Атлетико Мадрид е четврти со 12 бода.  

Две вонсериски одбрани на Куртоа, неколку полушанси и еден спорен момент го одбележаа првиот дел од мадридското дерби. По почетното надмудрување на средината на теренот, „јорганџиите“ во 18. минута ја имаа првата вистинска шанса за гол, кога Саул од 20 метри испрати „бомба“ кон Куртоа, но белгискиот голман беше добро поставен и успеа да интервенира.

Благодарение токму на Куртоа, Реал се спаси од негатива кон средината на првиот дел, кога Гризман имаше зицер, но биеше само во телото на „кралскиот“ голман. Последната шанса за Атлетико пред одморот ја имаше Диего Коста, но и овој пат победник испадна поранешниот чувар на мрежата на Челзи.

Единствената шанса за Реал Мадрид во првите 45 минути ја имаше Герет Бејл, но неговиот удар заврши покрај голот на Облак. Највозбудливо беше во 30. минута, кога цел „Сантијаго Бернабеу“ беше во исчекување на ВАР-судиите да донесат одлука дали имаше пенал за Атлетико Мадрид или не. Сепак, на крај се одлучи дека играта со рака на Касемиро е ненамерна и „јорганџиите“ не добија удар од 11 метри. 

Вториот дел започна со удар од далечина на најдобриот фудбалер за изминатата сезона, Лука Модриќ, и колосална шанса на Асенсио, но првиот удар заврши покрај стативата, а вториот во рацете на Облак. За разлика од првото полувреме, во второто Атлетико се одлучи за многу подефанзивна тактика, која им отвори простор на „кралевите“.

Карвахал на асистенција на Модриќ пропушти нова можност за домаќините, а не без сили во завршицата остана и Асенсио, па поделбата на бодовите беше најреалниот исход од првото мадридско дерби оваа сезона. 

Во следното коло Реал Мадрид ќе гостува кај сензацијата Алавес, додека Атлетико го игра дербито со Бетис.