ВИДЕО: Младоста на Работнички го втурна Силекс во битка за бараж за опстанок

Во допадлив натпревар со убави голови, Работнички го совлада Силекс со 3-1 (1-1) и си обезбеди петто место на табелата во ПМФЛ, во пресрет на последното коло. Кратовчани ќе мора да треперат до следниот викенд, а многу веројатно вторпат во три години ќе играат бараж за опстанок во елитата. 

Влахо се одлучи за супер-млад тим, а и Симов им веруваше повеќе на талентите од клупската академија за овој значаен натпревар. Од старт можеше да се претпостави дека ќе се игра отворено и со многу шанси за гол. По првите закани на дебармаалци, во десеттата минута први поведоа гостите од Кратово. По левата страна одлично проби Ристов, несебично додаде во средината кон Игнатов, а овој од прва го матираше Мустафа (0-1).

Следеше реакција од домашната страна, но долго време немаше зрели шанси пред Божиновски. Сепак, одненадеж во 22. минута домаќините изведоа прекрасна акција, Ѓурѓевиќ го проигра Марио Станковски, а овој со мајсторска реакција ја погоди целта (1-1). 

Симов за првата замена се одлучи по еден час игра, кога му даде шанса на Дурански, на местото на Манасиевски. Кога сите предвидуваа мирен финиш, во 68. минута Работнички првпат поведе. Тодоровски прими топка на работ на казнениот простор и со отсечен удар со десната нога ја погоди целта. Само три минути подоцна, еден од најдобрите, Фахрудин Ѓурѓевиќ од отпадок ја матира одбраната на Силекс и ги решава дилемите околу победникот (3-1). 

Влахо го затвори натпреварот и Силекс претрпе силен удар во своите амбиции за опстанок без бараж во Првата лига. Во последното коло Работнички се среќава со Ренова, а Силекс игра значаен домашен натпревар против Струга Трим Љум.