Младите играчи и дополнителното „калемење“ го ставаат Саутгејт на „слатки маки“ пред ЕП

Одложувањето на Европскиот шампионат поради пандемијата од коронавирусот различно ќе влијае на одредени репрезентации. Англиските медиуми сметаат дека за нивната селекција една година плус ќе биде огромна придобивка, за младите играчи да соберат повеќе искуство. 

Оваа земја е потпрена на младите сили и перспективни фудбалери, кои во иднина би можеле да бидат во врвот на светскиот фудбал. Иако и при одржување на турнирот ова лето „Гордиот албион“ би бил меѓу фаворитите, со сигурност едногодишно „калемење“ на играчите ќе дојде многу добро. 

Фактот дека Англија требаше да ја игра својата група на „Вембли“ во Лондон, ги пласираше во самиот врв меѓу фаворитите. Според најавите дека домаќинствата нема да се менуваат, тоа е уште еден плус за Герет Саутгејт и неговите пулени. Јадрото на екипата не би требало да се менува, каде што Хендерсон, Мегвајр, Стерлинг и капитенот Кејн ќе бидат меѓу поискусните во младиот ростер. Сепак, одредени промени може да се случат на останатите позиции. 

Ник Поуп и пред се Дин Хендерсон го „загрозуваат“ местото прв голман на Џордан Пикфорд со одличните партии во Премиер лигата. Доколку голманот на Евертон не успее да ја крене формата, многу веројатна ќе биде неговата замена меѓу стативите.

Во одбранбената линија, доколку нема изненадувања би требало да се најдат Џо Гомез и Трент Александар Арнолд од Ливерпул, како и Бен Чилвел од Лестер, надополнтети од Хари Мегвајер. Своја шанса во дефанзивната линија ќе чекаат и Џон Стоунс, Фикајо Томори, Киеран Трипие, Дени Роуз и Тајрон Мингс.

Средината на теренот би можела да се сочинува од искусниот Хендерсон, надополнет со младиот Џејмс Медисон од Лестер. Иако Деле Али беше прво решение на Саутгејт, доколку не заигра на посакуваното ниво, од позадина шанса чекаат младите Мејсон Маунт, Барнс, Фил Фоден и Џек Грилиш. 

Дополнителен напредок и зајакнување на позицијата централен напаѓач се очекува од Тами Абрахам, Калверт-Луин и Мејсон Гринвуд, па Хари Кејн ќе мора да се потруди да ја врати старата форма по повредата. На крилните позиции во моментов приматот го имаат Маркус Рашфорд и Рахим Стерлинг, а Џејдон Санчо одлично се развива во Борусија, па дополнителна година може да му понуди и алтернативи на Герет Саутгејт.