• Мартин Танасковски
Екипата на Башкими од Куманово сака да биде во горниот дел на табелата во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ). Дека тимот поседува квалитет покажа на тестот со Работнички на кој славеше со 1-0, а стрелец беше младиот Аган Сулимани.
Овогодинешниот состав на Башкими е микс од искуство и младост. Меѓу талентираните фудбалери е и кумановецот Аган Сулимани, перспективен играч со голем потенцијал. Откако стрела со „романтичарите“, тој се наметнува кај тренерот Јанакиевски како опција и за лигата и за поголема минутажа во периодот кој следи.
Башкими во следниот меч на домашен терен ќе ја пречека Беласица, а овој натпревар ќе биде добра можност за Сулимани кој веројатно ќе биде стартер.
19-годишникот е производ на фудбалската школа Куманово 2010, а потоа откако настапуваше за тетовска Шкендија во младинскиот тим, се врати во родниот град за да настапува за Башкими.